Разговор со Стефанија Насеска, модна дизајнерка која шири љубов: Јавните личности треба да имаат повеќе доверба во дизајнерите

Не може да одлучиш да снимаш спот, а изборот на гардероба да ти го прави шминкерот или фризерот, или пак сопругата претрчала до првиот бутик и ти го купила комплетот кој нејзе ѝ се допаѓа.

По период на пауза, модната дизајнерка Стефанија Насеска повторно се врати на модната сцена со колоритна колекција полна со пораки. Вели дека нејзиното отсуство се однесувало само од нашата модна сцена, а во меѓувреме била ангажирана како моден дизајнер за „Хоти+Лорд“ (Hottie + Lord), американска модна марка на која целосно се посветила. Заедничката модна приказна на Стефанија и „Х+Л“ продолжува. Враќањето пак, на македонската модна сцена се случи на неодамнешниот Моден викенд Скопје, на истиот настан на кој, пред повеќе години, Стефанија го направи своето дизајнерско деби. Колекцијата со која се враќа е насловена „Кенди Лав“ (Candy Love), а инспирацијата доаѓа од истоименото цвеќе кое ги има сите нијанси на розовата боја и претставува ода на љубовта.

Стефанија Насеска, фото -Дорина Јанева

– Сметам дека токму во овие моменти на светот му е потребна љубов, можеби повеќе и од кога било, а во секој од нас има барем малку љубов која може да ја сподели. Колекцијата содржи модни парчиња  што се лесно прилагодливи на сечие тело, со широки и волуменозни кроеви. За прв пат нудам дизајн на машки изгледи што се многу добро прифатени од публиката и покрај несекојдневната боја во која се изработени. Ширете љубов е едноставна порака, која е јасно пренесена преку колекцијата. Таа доаѓа во секакви форми и облици, треба само да останеме отворени за да ја примиме и повторно да ја споделиме, ни рече Стефанија.

Нудиш изобилство на бои, а доминантни се пастелните нијанси и принтовите од срциња, се враќа ли љубовта на „голема врата“ во модата? 

– Ги следам модните трендови што се диктирани во светот и поголем дел од нив прилагодувам на моите дизајни и на мојот стил на творење. Така ја испишав и приказната со боите и монохромните изгледи. Покрај тоа што е актуелен моден тренд, за мене боите што ги искористив во колекцијата се симбол на радост и на среќа. Ме потсетуваат на среќното детство што го имав. Судејќи според затсапеноста на срцата како симбол на љубовта на поголем дел од парчињата, љубовта никогаш не ни отсуствувала, едноставно ѝ требало поттик и малку фантазија за да излезе на површина.

Што ѝ недостига на македонската модна сцена?

– Македонската модна сцена има многу недостатоци, но со работа и труд може и мора да се надминат. Да почнам од она што имаме, па ќе дојдам и до тоа што недостасува. Имаме школи за моден дизајн, имаме модни дизајнери и млади што сакаат да бидат модни дизајнери, имаме текстилна индустрија, имаме платформа како Моден викенд Скопје, каде што можеме да ја промовираме нашата работа, имаме модни новинари и критичари, иако се малку, вредни ни се, и во поново време имаме блогери и инфлуенсери. Но тоа што ни недостасува се некои клучни алки од синџирот. Недостасуваат сопственици на текстилните фабрики што ги имаме со пошироко отворени погледи, сопственици кои еднаш засекогаш правилно ќе го искористат капацитетот на еден дизајнер, кој и така им е вработен, но колку да фигурира како професија на хартија. Недостасуваат фабрики за производство и печатење на материјали, со што би станале поконкурентни на пазарот. Недостасува здрава и конструктивна критика од повеќе компетентни личности. Недостасува взаемна поддршка меѓу колегите дизајнери, а нема никаква поддршка ни од државата. А нешто што најмногу ни треба, а го немаме, се „баери“ и „шоуруми“, каде што ќе се изложат колекциите пред потенцијалните клиенти. Храброст кај клиентите за да бидат поинакви, а да не бидат осудувани е исто така една од клучните работи што недостасуваат за да имаме здрава модна сцена. Среќна сум што гледам дека се зајакнува релацијата дизајнер-блогер/ инфлуенсер, па така од маркетиншки аспект модната сцена станува покриена.

Што им недостига, видено од дизајнерска страна, на македонските јавни личности?

Сите јавни личности треба да имаат свој стилист или „персонален купувач“ со соодветно образование, кој ќе го прави изборот на облека според конструкцијата на телото и професијата. Кај нас, за жал, се бројат на прсти јавните личности кои користат вакви услуги, но резултатот е очигледен. И тие треба да имаат повеќе доверба во дизајнерите. Ќе земам пластичен пример со естрадните уметници, не може да одлучиш да снимаш спот, а изборот на гардероба да ти го прави шминкерот или фризерот, или пак сопругата претрчала до првиот бутик и ти го купила комплетот што нејзе ѝ се допаѓа. Јавните личности, а во нив ќе ги вбројам и инфлуенсерите поради тоа што и нивната професија е од јавен карактер, не смее да си дозволат избор на гардероба што е понудена како готова комбинација во излозите и на куклите од „фаст фешн“ брендовите. Таквите предлози од брендовите се наменети за пошироката публика и токму поради таа причина мора да најдат начин да се издвојат од мнозинството. Додека инфлуенсерите пак, напредуваат и стануваат сè поценети доколку покажат кретивност не само во фотографиите, туку и при комбинцијата на парчињата облека што ги промовираат. Уникатноста сепак се цени најмногу. Модата е наука и не е едноставно да се добие добар и соодветен изглед, и токму поради ова стручната помош им е и повеќе од потребна.

Фотосесија за новата колекција на Насеска

Ширете љубов е едноставна порака што е јасно пренесена преку колекцијата.

Ќе станат ли заштитните маски нови модни додатоци?

– Со оглед на тоа што сите треба да се навикнеме на новонастанатата ситуација и дека нема да помине бргу, се наметна и потребата за покреативно изразување од моден аспект и на заштитните маски. За жал маските што се изработуваат од материјали не штитат доволно, а некои и воопшто не штитат. Желба кај клиентите има, но ние дизајнерите мораме да направиме соодветен избор на материјали што даваат поголема заштита. Луксузните модни куќи ја проширија својата понуда токму поради тоа што се моќни да обезбедат производство на соодветни заштитини маски. Доколку ние успееме да понудиме нешто слично, по пристапна цена, сметам дека интересот ќе биде голем.

Што значи за тебе жена со стил?

– Личност која според начин на однесување се издвојува од другите во позитивен правец. Жена која обрнува внимание на својот изглед, како кон гардеробата, така и кон негата на телото. И за крај, жена кај која деталите зборуваат повеќе од крупната слика. Повеќето можеби веќе имаат во глава само елегантни жени според описот. Напротив, јас во мојата глава ги имам и сите оние што го негуваат „уличниот“ стил со изборот на гардероба, како и лежерниот стил, секојдневниот. А се разбира дека и стилот на живеење треба да соодветствува со стилот на гардеробата.

 

Фотографии – Света Богова Јовановска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот