Раскази со нежен и богат јазик на литванската авторка Даина Ополскаите

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје во рамките на проектот „Храбри нови зборови, прекрасни нови светови“ ја објави книгата „Пирамидите на денот“ од литванската авторка Даина Ополскаите.

Тринаесетте раскази од оваа книга се занимаваат со размислувањата околу тоа што се менува со текот на времето во светот на протагонистите и на што му е судено вечно да трае. Се поставуваат прашања за човековото битие, љубовта, личната слобода, Бог и судбината, покрај кои животот на современиот човек се доживува како најголемо постигнување.

– Кратките раскази на Ополскаите започнуваат со приказ на односите во рамките на едно семејство: меѓу сопружниците, родителите и децата, браќата и сестрите, понекогаш меѓу блиските пријатели или љубовниците. Темите на предавството или гризењето на совеста се истражуваат преку јазикот, кој е нежен и богат – истакнуваат од „Антолог“.

Расказите се пишувани во период од осумнаесет години, период во кој добија највисоки оценки од книжевната критика. „Решетки“ во 2018 година ја освојува „Нобеловата награда за литвански кратки раскази“, а расказот „Дојди преку мразот“ е награден со наградата „Јургис Кунчинас“. Во 2019 година „Пирамидите на денот“ ја добива престижната Награда за литература на Европската Унија.

Даина Ополскаите (1979) е литванска писателка. Родена е во Вилкавишкис, југозападна Литванија. Дипломирала литвански јазик и книжевност и работи како наставник во средно училиште во родниот град. Уште за својата прва книга ја добила наградата на Литванското друштво на писатели. Даина е позната како авторка на наградувани книги за млади. Присутна е и во медиумите, каде што објавува кратки раскази, рецензии и есеи.

Во изданието на „Пирамидите на денот“ на македонски јазик преводот е дело на Душко Крстевски, а графичкото уредување е на Марко Трпески. Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на Министерството за култура на РСМ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 135, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 јули 2022)

Видео на денот