
Психијатри: Масакрот во Белград треба да го разбуди и македонското општество од моралната ерозија
Во конкретниот случај треба да се направи една „психолошка аутопсија на детето“, односно неговиот психолошки профил со фокус на тоа каков бил неговиот бекграунд, што се причините за едно вакво грозоморно убиство, без разлика на тоа што детето кај некои луѓе буди емпатија, некакво разбирање па и на Тик Ток има група за поддршка што е апсурд. Сепак, се работи за едно масовно злосторство кое заслужува секаква осуда, вели доктор Дудучки.
Македонската јавност е шокирана и вознемирена од трагедијата во Србија каде 13-годишниот ученик Коста Кецмановиќ изврши масакр во своето училиште во Белград и со оружјето од татка си уби осуммина соученици и чуварот од училишното обезбедување. Незапаметената општествена трагедија која се случува во Белград ги отвори прашањата за потфрлањето на семејството, институциите и општеството во лоцирањето и спречувањето на насилничкото однесување, но и го отвори прашањето за тоа што ги „произведува“ ваквите појави.
Препорачано
Невропсихијатарот доктор Мице Дудучки, за „Слободен печат“ вели дека е малку веројатно да е вистина тоа што го изјавил Кецмановиќ при апсењето – „Јас сум психопат“. Докторот посочува дека не може да се донесуваат такви брзи заклучоци без да се анализираат детално мноштвото аспекти од раната возраст и меѓучовечките односи на Кецмановиќ во училиштето, во целата средина. Тоа испитување кое психијатрите од Белград ќе го направат, не само што ќе биде судско-медицински документ, туку и ќе биде документ за развивање на превенција во иднина да не се случуваат вакви трагични настани.
-Психопатите не знаат дека се психопати. Ниеден од нив тоа не го кажува. За психопатите сите други се лоши, неадекватни и со лош однос кон нив, но психпопатот и социопатот не мислат така за себе. Веројатно се работи за нешто што е познато во форензичката психијатрија и се нарекува „состојба на поматување на умот“. Детето направило некој план, нацрт, список на потенцијалните жртви. Факт е дека пукал во соученици со кои бил во секојдневен контакт. Истрагата и вештачењето ќе покажат со сигурност, но малку е веројатно тоа што детето го изјавило во состојба на изразен стрес – дека е психопат. Тоа треба да се земе со резерва. Сите станаа стручни лица за судска психијатрија, но неблагодарно е да се донесуваат заклучоци и мислења пред да се заврши истрагата. Во конкретниот случај треба да се направи една „психолошка аутопсија на детето“, односно неговиот психолошки профил со фокус на тоа каков бил неговиот бекграунд, што се причините за едно вакво грозоморно убиство, без разлика на тоа што детето кај некои луѓе буди емпатија, некакво разбирање па и на Тик Ток има група за поддршка што е апсурд. Сепак, се работи за едно масовно злосторство кое заслужува секаква осуда, вели доктор Дудучки.
Според него, потребно е да се согледаат релациите меѓу децата и наставниците, односот на децата со врсниците, интерперсоналните односи во семејството и достапноста на оружјето кое Кецмановиќ го имал. Невропсихијатарот смета дека општеството е во социјална психоза, вклучително и во Македонија и затоа е неопходно да се врати на изворните и вистинските вредности.
-Треба да направиме ренесанса на општеството и како прв чекор, да се учи етика уште од градинка. Етички образовано дете утре ќе прерасне во етички образован младинец и своите деца ќе ги воспитува правилно. Ако наставниците и воспитувачите таа димензија ја стават во прв план, покрај образованието кое исто така е нужно, тогаш верувам дека ќе имаме здрави генерации. Тие здрави генерации ќе воспитуваат други здрави генерации. Ова на многумина им звучи како утопија, меѓутоа ова е услов без кој не се може. Без овој услов, не може да имаме здрави генерации, туку општество со болни поединци, со десперадоси, со очајници кои од којзнае какви побуди ќе извршуваат различни злосторства, објаснува доктор Дудучки.
За конкретниот случај од Белград, за кој беше споделено дека младиот Кецмановиќ пред да го изврши масакрот добил единица по историја, доктор Дудучки вели дека тоа може да биде само еден тригер, односно врвот на ледениот брег. Тој ги охрабрува сите жртви на булинг или насилство, веднаш да ги пријавуваат таквите настани. Но, неспорен фактор во мозаикот според докторот, е и семејството.
-Не смееме да го негираме фактот дека децата на некој начин ги копираат возрасните со нивните лажни идоли, лажни вредности, негативното влијание на социјалните мрежи каде она што треба да биде општествено дно станува репер на однесување кое е посакувано од младите луѓе, со жалење констатира докторот.
Директорот на Клиниката за психијатрија доктор Стојан Бајрактаров запрашан дали и во Македонија би можел да се случи ваков немил настан како во Белград, одговори потврдно, но и дека вакви настани може да се случат било каде во светот.
-Психолошки гледано ние со Србите сме многу слични народи, со многу слични обрасци на однесување. Но, вакви девијантни појави се случуваат насекаде во светот и тоа говори дека има и општествени причини што доведуваат до вакви случувања. Тоа се промената во начинот на родителство и воспитување. Има доста проблеми на повеќе нивоа кои доведуваат до вакво однесување. Промената на општествените норми, стилови, промената на моралот и свеста се меѓу нив. На пример, лицата кон кои се стремат младите денес се со вредности кои се различни од пред 20 или 30 години. Во мода се инфлуенсери, поткастери, криминалци и сето тоа се емитува на телевизии и се гради слика пред младите за тоа „што е еден успешен човек“, објаснува доктор Бајрактаров.
Тој смета дека македонското општество мора да спроведува многу активности за да ги детектира насилниците што ќе води до спречување на вакви трагични настани.
-Пред се тоа треба да се случува во училиштата и во образовниот систем. Било какво насилство е проблем, било да се работи за семејно, меѓуврсничко, меѓупартнерско, булинг. Тоа институциите треба да го детектираат и да се работи со тие деца. Да се работи на психолошка писменост и на родителите и на општеството и да се прифати дека на некое дете му треба помош, посочува психијатарот, доктор Бајрактаров.
ШТО Е ПОЗНАТО ДОСЕГА?
Мајка на ученик од училиштето во Белград: Убиен е омилениот чувар Драган, децата го обожаваа
ВИДЕО: Моментот кога беше уапсено момчето кое го изврши нападот во Белград
Српското Министерство за образование се огласи околу ужасниот настан во основното училиште во Белград
Ученичка од училиштето раскажа што се случило за време на нападот: Го видов обезбедувањето како паѓа на под
Српско МВР: Во пукањето во Белград се убиени осум деца и еден чувар
Ана Станиќ за убиството во Белград: Син ми е ученик во тоа училиште, не го познава детето кое пукаше
Белград не памети покрваво убиство
Српски адвокат вели дека ако момчето нема повеќе од 14 години, не може кривично да одговара
Петмина од повредените во нападот во Белград се во стабилна состојба, двајца се критични
➡️ Коста не бил жртва на врсничко насилство, тврди раководителот на белградската училишна управа