Вода/ Фото: Пиксабеј

Пржинци секој ден со часови се без вода, се закануваат дека нема да ги платат сметките за јули

Од „Водовод и канализација“ во целиот овој кризен летен период не спомнуваат дали и како имаат намера да ги решат големите количества вода што се произведуваат, а потоа се губат во водоводните систем или се крадат преку диви приклучоци. Во извештај на претпријатието за 2024 година се вели дека годишно производство на вода изнесувало 110.055.436 m², а од нив фактурирана е помалку од половина, односно 41.145.636 м3.

Проблемите со вода во одредени населби во Скопје, особено во оние што се наоѓаат во повисоките зони на градот, не се намалуваат, ниту има решение за луѓето што со часови летово се без вода во домовите. Од „Водовод и канализација“ постојано апелираат да престане нерационалното трошење на водата за пиење за наводнување дворови и бавчи, а на поплаките од граѓаните одговараат дека ништо не зависи од нив и дека водата од Рашче и од бунарите од Нерези и Лепенец се црпи максимално, но така и се троши.

Без вода со денови се жителите на Пржино, Водно, делови од Гази Баба и од други повисоки реони на Скопје.

Во Пржино проблемот трае речиси цел месец.

Континуирано во периодот помеѓу 10 и 15 часот нема вода, честопати и во другиот период од денот, а и кога ќе дојде е со многу слаб притисок. Се обративме во Општината, велат не се надлежни, никој не ни дава поддршка. Од „Водовод“ не нудат решение, ниту, пак, информираат кога ќе нема вода. Досега, на барање на месната заедница, на двапати ни донесоа цистерна со техничка вода, но со тоа само за кратко им се помага на луѓето – вели Марко Д. за „Слободен печат“.

Тој објаснува дека поради ова нормалното живеење е сериозно отежнато, дека кога никој не им помага, мораат сами да се снаоѓаат за вода и дека одат по пријатели за туширање, а дека поради слабиот притисок на водата веќе 20-ина дена не можат да вклучат машини за перење.

Друг проблем е, како што тврди, што никој не доаѓа да ги прочита водомери, па со години за потрошената вода плаќаат паушално.

Тоа значи дека и за овој месец ќе ни стигне истата сума за наплата иако немаме вода – вели тој.

По социјалните мрежи дел од револтираните жители на Пржино се закануваат дека во знак на протест поради недостигот на вода, нема да ги платат сметките за јули.

ВИДЕО | Граѓаните со апел до „Водовод“: Поправете ја чешмичката на кеј, неконтролирано тече вода!

Од ЈП „Водовод и канализација“ и понатаму известуваат за енормно зголемена и неконтролирана потрошувачка на водата, која на дневно ниво изнесува околу 350.000 м3, па како последица на тоа градскиот водоводен систем функционира со намален притисок и со повремени прекини на вода во делови од градот. Апелираат до граѓаните за совесна и рационална употреба на водата, но и да им пријават доколку забележат див приклучок.

Воедно апелираме и до органите на локалната самоуправа, во согласност со надлежностите, преку службите со кои располагаат, како и преку месните заедници на територија на општините, да се ангажираат во подигање на свеста кај жителите на општините за рационално користење на водата за пиење – велат од претпријатието.

Според нив, во изминативе години немало толкава потрошувачка на вода како годинава, кога секоја секунда се троши по 4.000 литри, колку што даваат двете каптажи на Рашче и петте бунари во Нерези и во Лепенец.

Сепак, од претпријатието во целиот овој кризен летен период не спомнуваат дали и како имаат намера да ги решат големите количества вода што се произведуваат, а потоа се губат во водоводните систем или се крадат преку диви приклучоци. Во извештај на претпријатието за 2024 година се вели дека годишното производство на вода во 2024 година изнесувало 110.055.436 m², а од нив фактурирана вода е помалку од половина, односно 41.145.636 м3 .

Губитоци на вода претставуваат неприходувана количина вода. Стварни загуби во 2024 година произлегуваат од истекување на приклучните цевки, истекување на транспорните цевки и позадинско истекување. Административни (привидни) загуби во 2024 година произлегуваат од неизмерена нефактурирана потрошувачка, потрошувачка од испорачаната количина вода, грешки при мерење на потрошувачка кај корисниците и од нечитани состојби… Во прегледот видно е дека 7.072.876 м3 се однесуваат на загуби од комерцијална потрошувачка (нелегална потрошувачка и неточност на водомерите), нефактурирана легална потрошувачка е 24.680.742 м3. Неизмерена нефактурирана потрошувачка 24.322.051 м3 е потрошена вода за тековно испирање на резервоари, испирање на водоводна и канализациска мрежа, потрошена вода преку фонтани и јавни украсни чешми, а во најголем дел е потрошена вода при санирање дефекти и полевање јавни зелени површини, дрвореди и булеварско зеленило. Загубите на вода во 2024 година во водоводниот систем изнесуваат 43.979.327 м3 – се вели во годишниот извештај.

Како што се наведува, за регионот и пошироко се смета дека дозволената загуба на вода во системот е 20% од вкупно произведената вода. За намалување на загубите и за тие да се доведат во границите на прифатливото, претпријатието има набавено теренско возило за истражување и за откривање на дефектите и формирани се екипи што ќе работат со опремата, бидејќи, како што се истакнува во извештајот, „на истражувањето и на намалувањето на загубите гледаме како на внатрешна резерва со која можеме да ги ублажиме недостигот на вода во водоводниот систем, особено изразен во летните месеци“.

Водовод апелира за рационално користење на водата во Скопје

Активистите од „О2 иницијатива“, во врска со горливиот проблем со водоснабдувањето посочуваат дека во ситуацијава надлежните би требало да преземат повеќе мерки какви што се забрана за користење на пивка вода за индустријата, освен онаму каде што е неопходно, како во прехранбената индустрија, потоа забрана за користење пивка вода за миење на возила, а притоа сите пералници да си обезбедат техничка вода.

Поливање на зеленилото во градот само со техничка вода. Миење на улиците, на плоштадите, кога е дозволено, само со техничка вода. Украсните фонтани да користат само техничка вода. За време на сушен период, како летниот: забрана за полнење приватни базени, забрана за миење дворови, тераси, плочници, улици со вода, ограничување на полевање на градините и на тревниците на секој втор ден и тоа само во одреден период од денот, кога состојбата е најмалку критична, воведување прогресивно наплаќање на водата, колку повеќе се користи, толку поскапа да биде – предлагаат од „О2 иницијатива“.

Оттаму велат дека проблемот нема да исчезне сам од себе, а станува збор за клучна работа, каква што е водата.

И затоа мора да стане клучна во секоја есенска кампања за локалните избори – не како уште едно празно ветување, туку како обврска за изградба на одржлив, постојан и безбеден систем за вода, што ќе го преживее летото, урбанизацијата и иднината – велат од Иницијативата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот