„Протекоа“ документи за газдата на Челзи: Абрамович донирал на израелска група која гради населби на палестинска територија

Роман Абрамович и неговата ќерка Софија на трибините ја следат Челзи - Сандерленд / Фото: EPA-EFE

Компании под контрола на газдата на Челзи, Роман Абрамович донирале десетици милиони фунти на исклучително контроверзна израелска група што е обвинета за раселување на палестински семејства од Ерусалим, покажуваат „протечените“ документи во јавност, објави „Би-Би-Си“ на арапски.

Рускиот олигарх кој доби државјанство на Израел во 2018 година важи за страствен филантроп во таа земја. Досега донира огромни суми за истражувачки и за развојни проекти, а инвестира и во локални фирми.

Роман Абрамович на трибините во Лондон се поздравува со играчите на Челзи / Фото: EPA-EFE

Четири компании што ги поседува или контролира на Британските Девствени острови донираа преку 100 милиони долари на „Елад“, група која поддржува изградба на населби на територија на Палестина под називот Силван, пишува „Би-Би-Си“. Бројките покажуваат дека газдата на Челзи е најголем индивидуален спонзор на „Елад“ во последните 15 години. Елад на хебрејски значи „Вечна божја вера“.

Групата што, исто така, има поддршка и од израелската Влада, се обидуваше да го засили еврејското присуство во соседството Силван на сметка на Палестинците. „Елад“ раководи и со археолошко наоѓалиште во Силван што е наречено „Давидов град“ што во меѓувреме стана и голема туристичка атракција. Ископувањата наидоа на критики кај европските дипломати, бидејќи сакаа да ја игнорираат разноличната историја на древниот град во корист на „исклучиво еврејски наратив, одвојувајќи го местото од палестинската околина“.

Слично како и останатите населенички организации, и „Елад“ се прошири со купување на палестински куќи и користејќи контроверзни израелски закони кои и овозможуваат на државата да преземе палестински имот. Околу 450 доселеници денеска живеат заедно со речиси 10.000 Палестинци во Силван.

„Би-Би-Си“ на арапски ги откри донациите на Абрамович, пребарувајќи низ илјадниците „протечени“ документи во кои детално се опишуваат две милијарди американски долари како потенцијално сомнителни трансакции што се „испрани“ низ американските системи.

Повеќе од 2.000 извештаи за сомнителни активности (САР) што се поднесени на Мрежата за истражување на финансиски злосторства на американската Влада (ФинЦЕН), завршија кај „Басфид њуз“ кој, пак, ги сподели со Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари чиј член е Би-Би-Си“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот