Прослава на роденденот на дедото на Ким, основоположникот на севернокорејската нација: Покана за лојалност и без воена парада

Фото: EPA/HOW HWEE YOUNG

Северна Кореја денеска одбележува важна државна годишнина повикувајќи на посилна лојалност кон лидерот Ким Џонг Ун. И покрај традицијата, оваа година Северна Кореја нема да ја прави очекуваната воена парада на која ќе го покаже новото оружје, пред се поради зголеменото непријателство на Пјонгјанг кон САД.

110-годишнината од раѓањето на дедото на актуелниот севернокорејски лидер и основачот на севернокорејската нација Ким Ил Сунг доаѓа откако Северна Кореја изврши серија тестови на оружје во последните месеци, вклучително и првото лансирање на интерконтинентална балистичка ракета со целосен дострел во 2017 година.

„Да работиме понапорно за да ја покажеме лојалноста кон нашиот ценет пријател Ким Џонг Ун и на тој пат конечно да ги оствариме соништата на нашиот голем претседател (Ким Ил Сунг) за изградба на моќна социјалистичка држава“, се вели во коментарот на државната веб страница Уриминзокири.

Водечкиот севернокорејски весник Родонг Синмун наведува дека Северна Кореја го почитува Ким Ил Сунг како „вечен претседател“ под „извонредно водство на неговиот внук и актуелен престедател Ким Џонг Ун“.

Роденденот на Ким Ил Сунг е најважниот национален празник во Северна Кореја, каде семејството Ким владее со железна тупаница и со спроведување на силен култ на личноста од основањето на Северна Кореја во 1948 година.

Актуелниот престедател Ким Јонг Ун е третата генерација од неговото семејство што владее со Северна Кореја, откако неговиот татко Ким Џон Ил почина кон крајот на 2011 година.

Третиот во лозата Ким амбициозно се залага за подобрување на нуклеарниот арсенал на земјата, а во исто време и за заживување на економијата. Сепак, тешкотиите предизвикани од пандемијата, санкциите предводени од САД и нивното лошо управување доведоа до силен економски удар, најтежок во неговото еднодецениско владеење со Северна Кореја.

Северна Кореја често ги одбележува клучните национални годишнини со големи воени паради со новоизградени ракети, особено за време на годишнини кои завршуваат на нула и пет. Државните медиуми, пак, наведуваат дека роденденот на Ким Ил Сунг ќе биде прославен со огномет и танцување, но не ја споменаа воената парада.

Претходните снимки од комерцијалните сателити укажаа на очигледна проба за воената парада, како на пример луѓето собрани во формација на главниот плоштад во Пјонгјанг, каде што се одржуваа минатите паради.

Министерството за обединување на Јужна Кореја денеска соопшти дека открило знаци дека Северна Кореја се подготвува за воена парада што би можела да се одржи на роденденот на Ким Ил Сунг или на годишнината од основањето на армијата на 25 април.

Инаку, Северна Кореја е цел на повеќедеценски санкции од западот, пред се од САД. Во времето на администрацијата на Доналд Трамп постоеше обид за подобрување на односите. Во два наврати тогашниот престедател Трамп се сретна со лидерот на Ким Џонг Ун, што се толкуваше како подобрување на односите на двете држави, кои со децении се на раб на започнување на војна. По заминувањето на Трамп и доаѓањето на администрацијата на Бајден, односите на Вашингтон и комунистичкиот режим во Пјонгјанг се вратија на поранешните лоши односи.

Многу пати досега се очекуваше САД да изведат воена ингтервенција врз Северна Кореја која заедно со Иран е дел од државите кои САД ги нарекуваат оска на злото, бидејќи развиваат нелегално атомско оружје. Освен санкции и заканувачка реторика, САД засега избегнуваат планови за воен удар врз Северна Кореја, што се толкува дека сепак оваа држава, иако една од најсиромашните и најзатворените во светот, сепак поседува нуклеарен борбен ареснал. Нешто што засега Пјонгјанг јавно го негира.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот