Промовирани се новиот и уште три евергрин романи од Влада Урошевиќ

Писателот Влада Урошевиќ со својот најнов роман / Фотографија: Арс Ламина

Најновиот роман „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ заедно со уште три романи од академик Влада Урошевиќ беа промовирани на 23 февруари во кино „Фросина“ во МКЦ.

На промотивниот настан беа претставени неговите евергрин-дела „Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“ и „Невестата на змејот“, кои се реобјавени во ново руво и со нови поговори. Книгите се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Промотори на книгите беа Јелена Лужина, Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски, а се обрати и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев. Настанот го модерираше уредникот на четирите книги, Ведран Диздаревиќ.

Приказната во романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ почнува летото 1898 година. Во преодните денови помеѓу веќе исцрпениот 19 век и тукушто родениот 20 век – Никола се враќа од своите студии на „Ecole supérieur de pharmacie“ во Париз. Со себе го носи научното знаење од Западот и етосот на модерниот, просветлен човек, желен да ги примени во своето родно Скопје. Дома – во големата куќа на крајот на градот, покрај течението на реката Вардар – го чекаат татко му Харалампие, трговецот на ангро, мајка му Евдокија и трите помлади братучетки.

На прв поглед животот на ова семејство изгледа нормален, пристоен, па дури и здодевен. Но, работите не се такви како што изгледаат. Нешто страшно и неискажливо ја фрла својата сенка врз семејството Пустополски. Старата куќа крие свои тајни што се протегаат сè до Ориентот и кои се однесуваат на богатството на дедото на Никола. Приказната за еден прстен купен во Старата скопска чаршија го втурнува Никола во низа настани, чиешто потекло, смисла и цел не му се целосно јасни.

Промоцијата на четирите романи од Влада Урошевиќ се одржа во кино „Фросина“ во МКЦ

Поднасловот на новото дело на Урошевиќ е „Старовремски роман“, додека во својот поговор кон книгата Јелена Лужина го употребува зборот „мајсторлак!“ и нотира дека станува збор за „нововремски есеј за еден божем старовремски роман“.

– Последниот роман на Влада Урошевиќ – неговиот седми роман – мајсторлачки е детерминиран, едновремено и „дескрибиран“ со една од најдолгите насловни синтагми кои ги паметам. Дури и помислувам, не без аргументи, дека „најдолжината“ на насловната синтагма е една од најдолгите во сета историја на светската литература. Можеби и најдолга од сите знајни. Насловите од таков вид се нешто како пируети во балетот: се важат само ако се беспрекорно изведени; а беспрекорно можат да ги изведат само врвните професионалци, велемајстори – посочи Лужина.

– Секогаш кога ќе напишам нов роман долго размислувам каков наслов да му ставам. Знаете, насловот се пишува на крајот. Откако го составив овој долг наслов, во една миговна инспирација допишав поднаслов – Старовремски роман. Овој поднаслов може да се сфати на повеќе начини. Можете да го сфатите како иронија или како предизвик фрлен кон критиката, но и кон читателската публика. Сите сакаат да напишат современ роман, модерен, а еве некој сака да напише старовремски роман. Се надевам дека со тоа не сум ја нарушил суштината на романот и уште повеќе – се надевам дека не сум одбил читатели да го земат в рака – истакна писателот Влада Урошевиќ.

Академик Влада Урошевиќ (17.10.1934, Скопје) е еден од најпознатите македонски книжевни и културни дејци. Твори во речиси секој жанр и секоја форма: поезија, расказ, роман, есеј, патопис, книжевна и ликовна критика, книжевна теорија и превод.

Дипломира на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во родниот град и предава на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при УКИМ. Покрај професорската кариера, работи и како соработник и уредник на Редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје и како уредник на списанието „Разгледи“.

Неговото творештво е обемно и разновидно. Почнувајќи со „Еден друг град“ (1959), објавува 11 збирки поезија, како и шест романи: „Вкусот на праските“ (1965), „Мојата роднина Емилија“ (1994), „Дворскиот поет во апарат за летање“ (1996), „Дива лига“ (2000), „Невестата на змејот“ (2007) и „Маџун“ (2018). Зад себе има три книги записи и патописи, повеќе книги во кои се собрани критиките и есеите за македонските писатели и две книги за фантастиката во сликарството.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 168, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот