Промена во топ 3 на глобалната листа на продавачи на смартфони: Шаоми го потисна Епл

Фото: EPA-EFE/FILIP SINGER

Кинеската компанија Шаоми се проби на третото место на листата на продавачи на паметни телефони во светот за кварталот јули-септември, потиснувајќи го американскиот гигант Епл од таа позиција. Па, така, компанијата од Купертино, Калифорнија, за првпат во последните десет години не е дел од глобалната тројка по производство и продажба на смартфони, пишува јапонскиот весник „Никеи“.

Сите три позиции во поглед на производството и продажбата на паметни телефони сега ги држат компании од Азија, според податоците на трите главни провајдери за тој пазар.

Според извештајот на компанијата „Кантерпоинт“, Шаоми во наведеното тромесечје забележа скок на испораките за 46 отсто, а Епл пад за седум отсто во однос на 2019 година.

Во извештајот на Каналис, пак, стои дека Епл има намалена продажба за само еден отсто, а Шаоми ја зголеми за 45 отсто во споредба со истиот период лани додека ИДЦ соопшти дека испораките на Епл се паднати за повеќе од 10 отсто за разлика од Шаоми кој регистрира раст за 42 отсто.

Пресвртницата за Шаоми доаѓа во ситуација во која глобалната индустрија на паметни телефони има пад од четири отсто во третиот квартал оваа година, бидејќи голем број на клиенти се воздржаа од купување на телефони во очекување на првиот 5Г ајфон.

Шаоми профитира и поради проблемите со кои се соочува неговиот најголем ривал Хуавеј, на втората позиција, чија позиција на странските пазари се сериозно разнишана поради санкциите од САД. Лидер на листата е јужнокорејски Самсунг.

Според податоци на ИДЦ, Самсунг продал 80,4 милиони телефони во периодот јули-септември, Хуавеј – 51,9 милиони, Шаоми – 46,5 милиони, а Епл 41,6 милиони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот