АКЦИЈА НА МВР: Приведени 10 лица кои криумчареле мигранти (ФОТО+ВИДЕО)

Денеска, од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги, Национална единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, во содејство со Одделот за специјални и посебни операции, СВР Струмица и Регионалните центри за гранични работи „Југ“ и „Исток“, во координација со јавен обвинител од ОЈО за Гонење на организиран криминал и корупција, беше спроведена координирана полициска операција со цел расчистување на кривични дела кои се однесуваат на организирање на група за вршење на кривични дела криумчарење мигранти, соопшти на денешната прес конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Фото: МВР

-Криминалистичката истрага над организираната 12-члена криминална група, која подолг временски период делуваше на тeриторија на Република Северна Македонија, се спроведуваше во изминатите десетина месеци, од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, во периодот од декември 2019 година досега. Организаторите на криминалната група М.С., неговиот син С.С. од Богданци, А. А. од Скопје и А.М. од с.Лојане-општина Липково, во соработка со лица од Р.Грција, организирале криминална група со која на територијата на Република Северна Македонија, во временски период од декември 2019 година досега, организирале криумчарење на околу 100-тина илегални мигранти, при што се стекнале со значителна противправна имотна корист. Најголем број од мигрантите биле по потекло од Aвганистан, Пакистан, Сирија, Иран, Египет и други земји од Блискиот и Средниот Исток, кои претходно престојувале на територија на Р.Грцијаинформира Ангеловски.

Врз основа на претходен договор помеѓу организаторите на криминалната група, мигрантите на територијата на Република Северна Македонија биле пренесувани од територијата на Р.Грција, преку илегални премини на т.н. „зелена граница“ во околината на Гевгелија и Дојран, од каде потоа со помош на водичи т.н. „качаци“, биле доведувани на претходно утврдени и договорени локации, по што членовите на организираната криминална група ги прифаќале и со возила ги превезувале до одредени локации во Кумановско-липковскиот регион. Организаторот на криминалната група од Кумановско-Липковскиот регион, го организирал нивното прифаќање и времено сместување во објекти на членови, криминални соработници и помагачи на криминалната група, а кога ќе се створеле услови, мигрантите биле прокриумчарени преку границата со Србија, а оттаму кон државите од Европската унија. Цената на транспорт по лице изнесува од 500 до 700 евра.

Фото: МВР

Извршени се претреси во вкупно 10 објекти лоцирани на подрачје на Гевгелија, Скопје, Штип и Куманово, а лишени од слобода беа 10 лица, додека еден веќе  издржува мерка притвор, за претходно сторено кривично дело „криумчарење мигранти- соопшти Ангеловски.

ОСОСК до ОЈО за ГОКК, поднесе кривична пријава против 12 лица и тоа против М.С. (49)од Богданци, неговиот син С. С. (23) од Богданци, А.А. (42) од Скопје и А.М. (47) од с.Лојане општина Липково, за сторени кривични дела: „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ по член 418-в став 1 и „Криумчарење на мигранти“ по член 418-б став 3 вв став 2 и став 4 од КЗ, потоа Б.Ј. (22), М.М. (21) иД.С. (29), тројцата од Богданци, за кривични дела „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ по член 418-в став 2 и „Криумчарење на мигранти“ по член 418-б став 3 вв став 2 и став 4, потоа Т.К.Ц. (53) од Штип, за „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ по член 418-в став 2 и „Криумчарење на мигранти“ по член 418-б став 2, Ј.К. (23) од Богданци и Т.М. (36) од Валандово, за „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ по член 418-в став 2 и „Криумчарење на мигранти“ по член 418-б вв „помагање“ по чл.24, Д.Љ. (39) од Скопје, за „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ по член 418-в став 2 и „Криумчарење на мигранти“ по член 418-б став 3 вв став 2 и став 4 и Ф.А. (26) од Скопје за „Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ предвидено и казниво по член 418-в став 2 вв ст.2 и „Криумчарење на мигранти“ по член 418-б став 3 и од КЗ.

Фото: МВР

Министерството за внатрешни работи и во наредниот период продолжува со интензивни мерки и активности со цел сузбивање на криумчарењето на мигранти, како и на сите други видови криминал.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот