Претставата „Дупло дно“ на Прилепскиот театар ќе гостува во Ниш

Сцена од претставата „Дупло дно“ во режија на Наташа Поплавска

Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп со претставата „Дупло дно“ од Горан Стефановски, во режија, дизајн на сцена и костими на Наташа Поплавска, на 30 ноември ќе гостува во Ниш, Србија, известија од НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.

Во претставата играат Марија Спиркоска Илијеска, Даниела Иваноска, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчески, Зоран Иваноски и Михајло Миленкоски, додека во „Дупло дно бенд“ настапуваат Томе Темелкоски – гитара, звучни ефекти; Методија Костоски – клавијатури, звучни ефекти, бас гитара; Ана Митоска – пијано, ксилофон, вокал; и Филип Јездиќ – тапани, перкусии. Композитор на музиката е Ристо Вртев.

Горан Стефановски ја пишува драмата „Дупло дно“ во 1983 година нарекувајќи ја „пасија во три става и кода“ што наликува на музичката форма свита и во неа ги отвора проблемите на поединецот уметник, лудак и револуционер наспроти системот, отелотворен во ликот на министерот за култура.

Режисерката Наташа Поплавска во „Дупло дно“ од Горан Стефановски го отвора прашањето како уметничката стварност денес кореспондира со реалноста. Таа го прикажува лажниот ангажман на уметниците кои се борат за „уметничката слобода“, а всушност се борат за позиција на министри за култура со цел да ги задоволат своите лични интереси и заработки, така што чистата уметност станува памфлет за статус. Во целото лудило и безнадежност на постојано менување на власта и сквернавењето на хуманистичката линија кај уметникот, безнадежната балерина ја бара вистината за себе.

Поплавска го следи Стефановски во идејата дека само оној што ќе успее да се спои со своето дупло дно, може да создава вистинска уметност. Со својата режиска постапка таа се обидува да ја погледне драмата како реално шоу со музичка свита ставајќи ја актерската игра пред камери, додавајќи музичари раководени од композиторот Ристо Вртев.

Таа истовремено дава можна разрешница на расправијата помеѓу уметникот и власта со поништување на претходните системи и идеологии, оставајќи надеж за уметноста преку ликот на депресивната ќерка, балерината Кристина на која ѝ се отвора можност да прерасне во вистинска уметница. Единствено таа ја започнува позитивната промена со новата заклетва за уметникот кој не припаѓа никому и стои на работ на ништо, што воедно е и последната реч на Стефановски за позицијата на уметникот во општеството, посочуваат од НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот