Пред настапот на СП во Фукуока: Ветувања има, пари за пливачите сѐ уште нема

Фото: Фејсбук, Национална пливачка федерација

Тројца од четворицата пливачи кои треба да ја претставуваат Македонија на СП, сами си платиле трошоците потребни за пат во Јапонија во надеж дека од Агенцијата за млади и спорт ќе им ги рефундираат парите. Ова ни го изјави тренерот Стојановски кој треба да ја води репрезентацијата на СП. Тимот треба да тргне на пат на 20 јули

Тројца од четворицата пливачи кои треба да ја претставуваат Македонија на Светското првенство во Фукуока, Јапонија, сами си ги платиле патните трошоци (по 159.000 денари) во надеж дека Агенцијата за млади и спорт (АМС) ќе им ги рефундира средствата. За ова информира Илија Стојановски, тренерот кој треба да ги води пливачите во Јапонија.

Ветување за тоа од АМС има, но пари се уште нема, па пливачите се надеваат дека ќе ги добијат на време, вели Стојановски. Неодамна се крена медиумска врева кога пливачите реагираа, невладината организација „Куќа на среќата“ повика сите општествено одговорни компании да ги платат трошоците на пливачите, а ја критикува АМС што не ги покрила трошоците за билети. Сметката на пливачката федерација е блокирана веќе со години, што претставува проблем ако АМС сака да префрли пари за оваа цел.

– Имаме ветување од АМС дека ќе ги покрие трошоците, но, пари се уште нема. Тројца од четворицата пливачи сами си ги платија трошоците за да одат на СП. Се надеваме дека средствата ќе им бидат рефундрани. Но, ќе видиме – вели тренерот Стојановски.

Пливачите кои треба да патуваат во Фукуока се Миа Блажевска Еминова, Ева Петровска, Никола Ѓуретановиќ и Андреј Стојановски.

Инаку, настапот на СП во Јапонија за нашите репрезентативци е важен затоа што е критериумски натпревар за добивање вајлд-карта за настап на ЛОИ Париз 2024. Ако тие не настапат на СП, може да се случи Македонија да нема претставници во пливање на ЛОИ 2024, првпат од осамостојувањето.

Нашиот тим треба да замине на пат за Јапонија на 20 јули, а пливачките натпревари на ова СП траат од 23 до 30 јули. Стојановски се надева дека дотогаш АМС ќе најде средства и начин да ги префрли средствата за тимот да може комплетен да отпатува за Јапонија.

Проблемите со финансирање на настапите на нашите репрезентативци на меѓународни натпревари не е ништо ново во овој наш спорт. Често се случува сами да си ги плаќаат трошоците за да настапат за својата земја.
Всушност таква ситуација има во моментов. Стојановски е во Белград на младинското ЕП (4-7 јули) со две пливачки, Блажевска-Еминова и Јана Милковска, кои за да настапат таму, сами си платиле по 500 евра за сместување.

– Пливачките сами си платија по 500 евра за да настапат на ЕП како репрезентативки на Македонија. Сместени сме во приватен апартман за да поминеме поевтино. Сите други учесници се сместени заедно, но за да бидеме и ние со нив требаше да платиме по 2.000 евра. Вака е поевтино – вели Стојановски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот