Повеќе од половина од скенираните сметки се со максимални 1.800 денари

Управа за јавни приходи / СП. архива

Следната исплата ќе се реализира во февруари 2023 за скенирани сметки во последното тримесечје од 2022 година, а зголемениот износ од 2.100 денари треба да се применува од 1 јануари

Повеќе од половина граѓани што скенирале сметки, успеале да го достигнат максималниот тримесечен износ за поврат на данок на додадена вредност од 1.800 денари. Од УЈП најавија дека износот за поврат на ДДВ ќе се зголеми на 2.100 денари. Измените на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица треба да се донесат по скратена постапка и се ставени на дневен ред на собраниска седница, но отворено прашање е кога ќе се гласа.

– Во декември 2022 се изврши исплата на дел од данокот на додадена вредност на граѓаните, за фискалните сметки што ги скенирале во третото тримесечје односно во јули, август и септември 2022 година. За ова тримесечје на 399.468 граѓани им се изврши исплата на дел од ДДВ, а од нив на 229.882 граѓани им се исплати максимален износ за исплата од 1.800 денари – изјавија од Управата за јавни приходи за „Слободен печат“.

Оттаму велат дека следната исплата ќе се реализира во февруари 2023 за скенирани сметки во последното тримесечје од 2022 година (октомври, ноември и декември).

Со оглед на растот на цените и зголемување на горната граница на парите за поврат, прашавме дали се планира зголемување и на горната граница во фискалната сметка што може да се скенира.

– Во поглед на член 4 т.1 од Законот за враќање на дел од ДДВ на физички лица  каде што е утврдено дека правото на враќање на данокот не се остварува за фискална сметка чиј вкупен промет надминува 30.000 денари, не се предвидени измени – ни одговорија од УЈП.

Правото на враќање на данокот се однесува на данокот на додадена вредност искажан во фискалните сметки за купени добра или користени услуги, издадени во согласност со Законот за регистрирање на готовински плаќања. Враќањето на делот од данокот на додадена вредност пресметан на прометот на македонски добра и услуги се врши во висина од 20 проценти, а на останатите – 10 отсто од пресметаниот данок искажан во поединечна фискална сметка.

„Со донесувањето на овој предлог-закон, не се очекуваат значителни импликации врз Буџетот на Република Северна Македонија“, пишува во предлогот за законските измени.

Највисокиот износ за враќање на дел од данокот – 2.100 денари, ќе се применува за фискалните сметки издадени од 1 јануари 2023 година.

Право на враќање на дел од данокот на додадена вредност имаат физичките лица што ги исполнуваат следните услови: имаат навршени 15 години возраст; имаат лична карта или пасош; регистрирани се на системот за електронска пресметка за приход и данок (ЕППД) и поседуваат трансакциска сметка кај носител на платен промет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот