Поради ковид се изолирани 2 воспитувачи, а во изолација се една негувателка и 26 деца во градинките во Прилеп

Градинка/ Ковид/ Фото: МИА

Стабилна е епидемиолошката состојба во моментов во Прилеп, но не може да говориме за опуштање, оценува Тања Мургоска Станимировиќ, епидемиолог во Центарот за Јавно здравје во Прилеп.

– Во моментов, епидемиолошката состојба со ковидот може да ја оцениме како стабилна. Ако ги споредиме двата двонеделни периоди, бележиме пад на инциденцата од 23 проценти во споредба со претходните 14 дена. Бројот на новозаразени во последните две недели е 179, или на неделно ниво 88, односно 91. Во претходниот период тој број на неделно ниво беше над 100 новорегистрирани случаи. Бројот на активни случаи е 275, вели Мургоска Станимировиќ.

Според Мургоска Станимировиќ, ова укажува дека стабилноста на епидемиолошката состојба е поврзана со процентот на вакцинираните кој треба да се зголеми за да може да се зборува за колективен имунитет. Во моментов 50,5 насто од населението има примено барем една доза.

-Ако го имаме предвид процентот на вакцинирани во општината, не може да речам дека сме задоволни. Од вкупното население над 18 години, бројот на вакцинирани, барем со една доза е 50,5 проценти, а со две дози 45, 7 проценти што е далеку од препорачаните 85 проценти за да може да говориме за некаков колективен имунитет. Што значи дека не може да се опуштиме и покрај тоа што бројките на новозаразени не ни се алармантни, објаснува епидемиологот Мургоска Станимировиќ.

Центарот за јавно здравје будно ја следи состојбата во училиштата и во градинките. И таму смета дека е стабилна, без внатрешна трансмисија.

-Будно ја следиме сотојбата во училиштата и во градинките. Од почетокот на учебната година досега во основните и во средните училишта се регистрирани 16 позитивни ученици. Во изолација се 106 ученици. што се однесува до детските градинки, нема заразени деца. Поради ковид се изолирани 2 воспитувачи, а во изолација се една негувателка и 26 деца. Состојбата во училиштата и во градинките е стабилна и не е загрижувачка и будно ја следиме. Имаме податок дека во сите училишта се спроведуваат мерките и се следат сите протоколи. Нема внатрешна трансмисија, вели Муркоска Станимировиќ, епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Прилеп.

И во модуларната болница бројот на хоспитализирани е намален. Во моментов се 11 пациенти од кои 9 на кислородна поддршка.

Што се однесува до процесот на вакцинација, тече перманентно во Регионалниот пункт во спортската сала од средното училиште „Ѓорче Петров. Од вчера почна и вториот круг на теренска имунизација во населените места во Прилепско, кривогаштанско и во Долненско. Екипите вчера вакцинираа во селото Десово, во Долнени. Одзивот е солиден.

Извор: МИА

Видео на денот