Попис на иселувањето од Исток

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Кому му оди во прилог да се турка под тепих прашањето дали во една мала и сиромашна земја, каква што е Македонија, живеат (без нерезидентите) два милиона жители, еден и пол милион, или можеби нешто помеѓу тие две бројки?

Веќе воопшто не изненадува дека пописот во Македонија, распнат над шупливиот простор на екстремната политизација и партиска војна, е силно стегнат во канџите на политиката и изложен на постојано саботирање. Наместо доближување на ставовите, предност се дава на совршено разработеното вкопување во партиските ровови, овој пат со обвинувања дека не станува збор за статистичка, туку за „насилна“ политичка операција.

Но, уште поважно се чини е сознанието дека соочувањето со сериозноста на загрижувачкиот демографски развој во земјата се сведува на еден едноставно избран и проверен метод – затворање на очите пред реалноста.

Половина Европа, вклучувајќи ја и Македонија, е погодена од стареење, од една, и од континуирано иселување на населението, од друга страна. Во Бугарија во 1989 година живееле околу девет милиони луѓе, а денес веројатно околу седум. Според прогнозите, по две децении во Бугарија најверојатно ќе живеат само шест милиони луѓе. Тоа е сигурно и една од причините што Бугарија не го признава македонското малцинство, надевајќи се дека на таков начин ќе го спречи уште подраматичниот пад на бројноста на Бугарите во границите на матичната држава.

Сто милиони помалку

По влезот во ЕУ два милиона жители ја напуштиле Полска. Од 1989 година населението на Естонија е намалено за 16 проценти, а на Литванија за 24 проценти. И Романија, Хрватска и Грција се погодени од масовно иселување. Тоа го покажува официјалната статистика во тие земји, презентирана преку Евростат, која во извесна смисла всушност претставува попис на иселувањето од Источна кон Западна Европа.

Евростат води и статистика во однос на демографските процеси на регионално ниво во Европа, вклучувајќи ги и регионите во одделни земји. Одливот на населението од поранешните комунистички источноевропски земји јасно се забележува, на пример, и на внатрешен план во Германија, каде што намалувањето на бројот на жители покажува тенденции на пораст во регионите што порано биле во составот на Источна Германија.

Статистичките анализи покажуваат дека миграциските движења се најважното објаснување кога станува збор за порастот на населението во одделни ЕУ-членки, што отприлика е слично со податоците што се однесуваат на ЕУ во целина, а според кои порастот на мигранти во периодот 2000-2018 бил петпати поголем од бројките што произлегуваат од разликата на родени и умрени. Но, не и кога станува збор балканските земји, во кои вкупната промена на населението постојано е означена со минус.

Евростат прави и една интересна прогноза. Доколку во ЕУ целосно би биле запрени миграциите однадвор, населението во периодот до 2080 година би се намалило на 408 милиони жители, значи, за околу 100 милиони помалку од бројот на жители што моментно живеат на подрачјето на Унијата. Под такви претпоставки би се намалило населението во речиси сите земји членки. Според најцрното сценарио, Германија, Италија и Грција би изгубиле над 35 проценти од своето население, а Бугарија и Хрватска околу 30 проценти. Словенија околу 27 проценти. За Македонија, иако не се дадени такви прогнози, според општите демографски тенденции во регионот, тешко би можел да се очекува барем минимален зрак на некаква оптимистичка светлина.

Миграциите кон ЕУ се несомнено главниот придонес што внесува динамика и ги засилува позитивните демографски показатели. Но, едновремено најтешкиот камен на сопнување, што во изминатите години континуирано ги заострува тензиите и разидувањата меѓу ЕУ-лидерите, се токму мигрантите, односно мигрантската криза.

Затворање на очите

Ова прашање во екот на пандемијата е привремено ставено на страна, иако не ќе може да остане и трајно одложено. Но, во основа, отпорот кон мигрантите во Источна Европа е засилен токму поради масовниот егзодус на населението од овие земји, кои, со евентуално отворање на просторот за мигранти од поинакви културни и религиозни средини, би го зголемиле ризикот од промена на традиционалната општествена структура, онака како што тоа обично се сфаќа во однос на историското наследство и неговата проекција низ несигурните перспективи на идниот развој.

Паралелно на тоа, во богатите земји ситуацијата покажува обратни трендови. Во Шведска, на пример, благодарејќи на масовното доселување на мигранти во изминатите децении, населението не само што не се намалува, туку се прогнозира дека вкупното население во Шведска по две децении ќе се зголеми за околу два милиона. Но, колкумина од нив ќе го зборуваат шведскиот јазик на задоволително ниво, моментно е тешко да се прогнозира. Како ќе се обезбедат станови за толку голем прилив на население, и како ќе се успее во сопирањето на сегрегацијата на населението, се прашања кои го чекаат одговорот.

Најлош можен метод за изнаоѓање на решение за крупните негативни демографски промени е затворање на очите пред суштината на самиот проблем и неправење ништо, паралелно со неодговорно самозалажување дека иднината ќе покаже дека коцките ќе се наместат како што треба. Кому му оди во прилог да се турка под тепих прашањето дали во една мала и сиромашна земја, каква што е Македонија, живеат (без нерезидентите) два милиона жители, еден и пол милион, или можеби нешто помеѓу тие две бројки?

Брутализацијата на партиско-политичката дебата веќе одамна ги има преминато границите на пристојноста. Општествената стварност не може постојано да се исполнува со лаги, конспирациски теории и измислици, неосновани политички обвинувања и заложби за антидемократски идеали, без притоа да се преземе одговорност за идниот развој. А развојот во Македонија е неодвоив од демографското празнење на државата.

Одложувањето на пописот не може да ги одложи и остави под тепих дилемите и стравувањата пред иднината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот