Почнува фестивалот „Прво па женско“ во организација на „Тиииит! Инк.“

Водени од идејата дека „иднината на Земјата веројатно зависи од вештината на жените да идентификуваат и развијат нови дефиниции за моќта и нови начини за поврзување преку различностите“ на 13 мај, со перформанс и концерт во МКЦ во организација на „Тиииит! Инк.“, почнува единаесеттото издание на фестивалот „Прво па женско“, кој ја промовира феминистичката култура.

Програмата на „Прво па женско“ го слави интерсекцискиот феминизам и има за цел да поттикне нови можни дефиниции за поправеден свет, зашто старите дефиниции веќе не служат. Перформансот „Extima: Плодна почва“ на Оља Грубиќ, со кој во 20 часот ќе биде отворена програмата, ја истражува екстернализацијата на интимното како основен гест на уметникот, од една страна, додека од друга страна ја отвора сложената врска помеѓу приватното и јавното, личното и општественото.

По перформансот ќе почне и музичката програма со концерти на Бојана Вунтуришевиќ и дуото „Алембик“ во 21 часот. Вунтуришевиќ е една од најактуелните кантавторки во регионов, претходно позната како пејачка на инди поп-бендот „Сви на под“, а од 2016 година почнува и со соло кариера.

„Алембик“ се Виктор Танасковски (електрична и акустична гитара, бас гитара, мандола, вокал) и Ива Дамјановски (клавијатури, вокал, теремин). Нивната музика е обид за спој и реобмислување на различни музички жанрови, користејќи експериментални и атипични начини на произведување звук преку (алхемиска) игра со музичките елементи.

Интердисциплинарната програма на фестивалот, која вклучува изложби, промоции, концерти, филмски проекции и перформанси, ќе трае до крајот на годината.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 178, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.5.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот