Почна прикажувањето на филмот „М“ на Вардан Тозија во кино салите низ државата

Сцена од филмот „М“

Дистописката приказна за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила, ќе го има своето премиерно киноприкажување на 5 октомври во „Синеплекс“. По премиерната проекција на филмот „М“ на Вардан Тозија публиката ќе може да го погледне во кино салите во Скопје и во останатите градови низ Македонија.

– Од колку слоеви и да е изградена приказната, темата е секогаш базична. Секогаш постои мал зрак светлина што нѐ води низ најмрачните лавиринти. Никогаш не е доцна да се обидеме да го вратиме светот кој дозволивме да ни се уништи. Од 5 октомври, филмот ќе се прикажува во сите кина кои се на располагање на домашната публика. За жал, ги нема многу – вели Тозија.

Сценариото е на Вардан Тозија и Даријан Пејовски, продуценти се Дарко Попов и Вардан Тозија, а филмот е работен со копродуценти од Франција, Хрватска, Косово и Лукембург.

Актерската екипа ја сочинуваат Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Верица Недеска, Владимир Тулиев, Оливер Митковски, Мирослав Петковиќ, Жаклина Петровска, Благоја Веселинов, Борис Дамовски, Јамина Билаловиќ, Михајло Миленковски и Тони Михајловски.

Сцена од филмот „М“

Кинематографер е Владимир Самоиловски, костимите се дело на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, музиката е на реномираниот филмски композитор Натаниел Бергес (Nathanaël Bergèse) во соработка со францускиот копродуцент „Les Contes Modernes“.

Филмот е поддржан од Агенцијата за филм, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Косово филм центар, SACEM (Франција) ТВ Телма (Македонија), „Агора“ копродукциски маркет на ИФФ „Тесалоники“ (2019), „ScriptTeast 2020 – Script Development Workshop“ (Полска, Германија, Франција), „Софија митингс“ (WiP) на ИФФ Софија (2020).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот