По написот на „Слободен печат“: МОН ретерираше и им дозволи на „Оксфорд“ и „Пирсон“ да влезат во игра за учебник по англиски јазик

Во 2010 година „Кембриџ“ програмата ги исфрли од конкуренција другите реномирани издавачки куќи/Фото: Слободен печат

Министерството за образование и наука ретерираше од својот јавен повик за одобрување учебници по странски јазик за основно образование, откако „Слободен печат“ објави реакции од претставници на британските издавачки куќи „Оксфорд“ и „Пирсон“.

Претставничките на „Оксфорд“ и „Пирсон“ во земјава, Елена Диксон и Даница Броадбент, за „Слободен печат“ изјавија дека повикот на МОН кој беше објавен на 23 март годинава а со кој се бараа учебници по странски јазик за основните училишта е дискриминирачки и побудува нелојална конкуренција, односно дека е креиран со услови на кои може да одговорат само издавачите со богати приходи во изминатите три години. Како услови за аплицирање се наведуваше дека издавачот морало да има по 20 милиони денари годишен приход за секоја од изминатите три години и ИСО сертификати, со што повикот стана отворен само за фирмите со дебели приходи.

Но, тоа се промени вчера, на 15 мај, кога Министерството за образование објави нов повик за одобрување учебници по странски јазик за основно образование во кој веќе не се бара фирмите што дистрибуираат учебници да се со богато конто. Така сега „Оксфорд“ и „Пирсон“ може да бидат дел од трката за одобрение на учебник по англиски за основно училиште. Новиот рок за доставување на новите барања е 26 мај годинава, односно до крајот на идната недела.

„Домашните и странските издавачи можат да го повлечат поднесеното барање со целокупната документација по објавениот јавен повик од 27 март годинава, доколку сметаат дека барањето е некомплетно и треба да се дополни“, пишуваат од МОН во новиот повик објавен вчера.

Проблемот кој за „Слободен печат“ го истакнаа претставничките на „Оксфорд“ и „Пирсон“ се состоеше во тоа што иако нивните британски издавачки куќи се едни од најспецијализираните, елитни и реномирани куќи, чии учебници се користат во многу приватни училишта – тие не можеа да аплицираат на повикот на МОН само поради тоа што во изминатите три години немале приход од 20 милиони денари по година.

Со тоа што приходот на издавачот стана услов за конкурирање, реномираните англиски издавачки куќи кои нудат квалитетни и докажани учебници останаа привремено надвор од играта, но со измените кои ги направи МОН, сега им е овозможено да поднесат учебник за одобрение, од кој подоцна можно е да учат македонските основци.

-Ниту „Оксфорд“ ниту „Пирсон“ не би можеле да имаат толку големи суми приходи во земјава од 20 милиони денари за секоја од последните три години, бидејќи нашите книги се специјализиани и се продаваат по реални пазарни цени, а само што заврши периодот на ковид и во изминатите години нашите книги не беа откупувани. Потребни се шест месеци за да се добие ИСО сертигфикат, а тој услов МОН го поставува неколку дена пред да го распише повикот, изјавија за „Слободен печат“ Елена Диксон и Даница Бродбент.

Пред да излезат јавно и да зборуваат за „Слободен печат“ тие за повикот на МОН ја информирале Антикорупциската комисија, Комисијата за заштита на конкуренцијата, британската и американската амбасада, а непријатно писмо му испратиле и на министерот за образование Јетон Шакири, во кое отворено му кажуваат дека повикот на МОН (кој сега е поништен) е фаворизирачки кон две издавачки куќи а дискриминаторски кон другите.

„Ви укажуваме дека со условите транспарентно ни кажувате дека тенденциозно фаворизирате одредени издавачки куќи и одредени застапници на странски издавачки куќи, бидејќи условите се ирелевантни за јавниот повик. Доколку не постапите законски и не го измените јавниот повик, ќе поднесеме барања за одобрување на учебник по странски јазик согласно важечките законски норми и прописи, бидејќи интерните акти донесени од страна на Министерството, за нас како ексклузивни застапници на странски издавачки куќи немаат обврзувачки карактер. А доколку нашите поднесени барања од страна на „комисијата“ се оценат како „нецелосни“ и се отфрлат, ќе поднесеме тужби поради незаконско работење и произволно толкување и примена на незаконските акти, тенденциозна дискриминација и оневозможување на конкурентност во процесот“, му напишаа Диксон и Бродбент на министерот за образование Јетон Шакири.

Тие исто така реагираа и на фактот што МОН решило да формира своја комисија која што ќе ги оценува поднесените предлог-учебници, што за Диксон и Бродбент е апсурдно, со оглед на тоа што нивните учебници се пишувани според европска рамка за образование за изучување странски јазик.

-Зарем треба наставник од Македонија да оценува учебник по англиски јазик на „Оксфорд“? Кој ги формира тие комисии и по кои критериуми? Зарем треба некој да зборува за квалитетот на „Оксфорд“ и „Пирсон“? Ние сме специјализирани само за ова, изјави за „Слободен печат“ Даница Бродбент, ексклузивна застапничка на „Пирсон едјукејшн“.

Таа додаде дека учебниците на овие издавачки куќи, освен тоа што се квалитетни, доаѓаат во државата со низа дополнителни обуки што издавачите ги организираат за наставниците, посебни помагала за учење а цената во одредени случаи им е трипати пониска од онаа на конкурентите. Стравот на претставничките на британските издавачи освен од пропаѓање, им беше и дека учебниците ќе бидат натплатени со државни пари од сите даночни обврзници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот