По бројните инциденти на терените во Македонија: Ни се претвора ли спортот во насилство?

Photo, screenshot, youtube

Анархијата и насилното однесување како да се во пораст на спортските терени во Македонија. Во последниве 30-тина дена се случија најмалку шест тешки инциденти, за среќа без посериозни последици, во неколку спортови. Впечаток е дека законските можност за санкционирање би требало да се користат поригоризно за да се намалат проблемите

Серија насилни инциденти се случија во период од отприлика еден месец ширум спортските терени во Македoнија и се чини спортските натпревари се се помалку безбеди за учесниците и за гледачите. Кои се причините за растечкиот тренд?

Македонската спортска сцена никогаш не била имуна на инциденти и насилство, како што е помалку или повеќе во многу други средини. Но впечаток е дека во последно време инцидентите кај нас зачестија. Се конфронтираат навивачи, играчи, тренери, судии. Анархијата и насилството како да се во подем во нашиот спрот.

Дали причина за тоа е што сезоната е во завршна фаза, па притисоците се поголеми или целата атмосфера во земјава оптоварена со тензии, конфликтни ситуации и несигурност кумува на настаните на спортските борилишта? За отприлика еден месец набројавме најмалку шест потешки инциденти на спортските терени. Нешто како да врие.

Вардар – Еурофарм Пелистер

Најголемо внимание предизвика инцидентот што “Чкембари“ го предизвикаа на мечот Вардар – Еурофарм Пелистер во Скопје на 26 март, што значеше и прекин зачинет со вознемирувачи сцени. Влегоа и домашните навивачи „Комити“, имаше фрлање пиротехника, тврди предмети и добро е што немаше посериозни повреди. РФМ изрече парични казни, суспензија на теренот на Вардар и со тоа како да заврши.

Локомотива Пехчево – Бласица

Претходно на 8 март имаше посериозен инцидент на фудбалскиот меч Локомотива Пехчево – Бласица во кој физички биле малтретирани двајца тренери на гостите од страна на непознати лица, зачинето со закани со огнено оружје. Гостите го напуштиле теренот, мечот не се одиграл.

Наковски волеј – Јанта волеј

На 9 април имало „одбојкарски“ инцидент во Струмица помеѓу домашната екипа Наковски волеј и гостите Јанта волеј. Наводно бил физички нападнат гостинскиот тренер Горан Јаневиќ од страна на неслужбени лица. Имало закани и кон гостинските одбојкарки. Од Наковски волеј велат дека инцидентот го предизвикале гостите кои провоцирале…

Борец – Шкендија

Два дена потоа пак тежок инцидент на одбојкарски натпревар, во пресметката помеѓу Борец и Шкендија во Велес. Одбојкарите на Шкедија дошле до физичка пресметка со дел од публиката во селата, имало меѓусебно фрлање тврди предмети. Повредени се полицаец и одбојкар.

Вардар Брвеница – Беса Челопек

Во меѓувреме тежок инцидент на 9 април на фудбалскиот меч Вардар од Брвеница и Беса од Челолек, во кој 40 навивачи на Беса незадоволни од судењето влегле во теренот сакајќи да ги линчуваат судиите. Мечот е прекинат, полицијата спречила поголем инцидент.

Караораман – Охрид

Отприлика во исто време инцидент на езерското дерби помеѓу Караорман Струга и Охрид, во кој навивачи на гостите дошле во судир со полицијата и петмина полицајци се повредени…

Кај нас постои Закон за спречување насилство и недостојно однесување на спортските натпревари, во кој меѓу другото се предвидуваат и глоби од 500 до 5.000 евра и разни други санкции за предизвикувачите на инциденти.

Ако судиме според реакциите од многуте љуботели на спортот на кои им пречи насилството и прекините, можностите на Законот не се искористени во доволна мерка. Голем дел од јавноста бара поригорозни и поредовни санкции за насилниците, што веројатно би придонело да се намали насилството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот