По 30 години од падот на Берлинскиот ѕид – нови бариери ја делат Европа

Берлинскиот ѕид/Фото: Wikimedia Commons

Трите децении од падот на Берлинскиот ѕид, Германија ќе ги одбележи соочена со економски и социјални поделби на истокот и западот, а светот со нови поделби и ѕидови, пренесе „Б92“.

Падот на Берлинскиот ѕид, кој го делеше градот на источен и западен дел, стана симбол за обединување на Германија, падот на комунистичкиот режим во таа земја и во целиот источен блок.

Ѕидот беше и симбол на Студената војна, па со неговото рушење падна и „Железната завеса“ меѓу комунистичкиот исток и демократскиот, капиталистички запад.

Европската Унија набрзо започна со политика на обединување на континетот, а светот го поттикна „бран на оптимизам“, пренесуваат од „Б92“.

Сепак, околностите во последните години драстично се променија: Велија Британија сака да излезе од ЕУ, се шири бран на тероризам, а мигрантската криза не престанува.

– Не дозволувајте меѓу Русија и Западот да се изгради ѕид како што беше Берлинскиот – порача последниот советски лидер Михаил Горбачов за британската агенција „Ројтерс“, воочи на триесетгодишнината од падот на Белинскиот ѕид, со што укажа појавувањето на новите ѕидови кои се дигаат ширум светот.

Кога станува збор за Германија, 30 години подоцна градовите како Берлин, Дрезден и Лајпциг бележат голем развиток на сите полиња, но најголемиот дел на некогашна Источна Германија, особено руралните делови, сериозно заостануваат со стандардите на западот на земјата.

Се потсетува и дека по обединувањето исчезнала индустријата на истокот на земјата, а милиони луѓе ја загубиле својата работа или се отселиле на западот.

„АП“ предупредува на силната врска меѓу зголемувањето на десничарскиот екстремизам и колапсот на источногерманската економија по обединувањето, што го потврдува и успехот на десничарската Алтернатива за Гермианија во тој дел на државата.

Во Саксонија се засилуваат антиимиграциските групи и ксенофобијата, што е забележано кога во Германија стигнал бранот на бегалци и кога многумина се жалеле дека владата издвојува премногу средства за мигрантите, наместо да се заврши реинтеграцијата на источните Германци.

Германците ќе го одбележат падот на Берлискиот ѕид и со сеќавањето дека за неговото 28-годишно постоење се убиени најмалку 138 луѓе при обиди за негово прескокнување, додека многу кои се фатени на дело завршиле во затвор.

Аналитичарите предупредуваат дека не треба да се заборават и ѕидовите кои останаа, како и оние кои сега се градат – како оние меѓу Израелците и Палестинците, САД и Мексико, но и оние во срцето на Европа – и истакнуваат дека бариерите никогаш не биле, ниту ќе бидат решение за проблемите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот