По 12-годишно истражување: Постои врска помеѓу медитеранската исхрана и когнитивните способности

Фото: Pexels/Ella Olsson

Невродегенеративните состојби, како што е Алцхајмеровата болест, често започнуваат со когнитивно опаѓање, што е резултат на постепено губење на менталните способности. Резултатите од сè повеќе истражувања сугерираат дека одредени навики во исхраната, особено медитеранската исхрана, може да помогнат да се заштитиме, пишува „Саенс алерт“.

Традиционалните прехранбени навики на жителите на регионите на јужна Шпанија, Италија и Крит, познати како медитеранска исхрана, вклучуваат консумација на овошје и зеленчук, непреработени житарки, некои видови риба, како и сирење и маслиново масло.

Доказите укажуваат на бројни придобивки од ваквиот избор на храна, вклучувајќи и потенцијално поздрав мозок.

Фото: Pexels/Dana Tentis

Сепак, имало и контрадикторни резултати, што најверојатно е резултат на користење прашалници за исхрана кои испитаниците сами ги пополнуваат, каде што постои висок ризик од непрецизност и неточни податоци.

Неколку студии поврзаа одредени биомаркери со зачувување на когнитивните способности. Бидејќи ова обезбедува попрецизен начин за мерење на односот на исхраната со здравствените резултати, меѓународна група истражувачи сакаа да ја искористат врската со биомаркерите за да ги тестираат своите претпоставки.

„Откривме дека медитеранската исхрана, со својот панел на диететски биомаркери, е обратно поврзана со долгорочниот когнитивен пад кај постарите луѓе“, вели водечкиот автор на студијата Алба Тор-Рока, нутриционист и експерт за јавно здравје на Универзитетот во Барселона.

Фото: Pexels/Dana Tentis

Алба Тор-Рока и нејзините колеги ја истражуваа врската помеѓу медитеранската исхрана и когнитивниот статус кај постарите возрасни лица преку детална анализа на здравствените и когнитивните податоци собрани во текот на 12 години.

Била користена скала од 14 точки за да се создаде таканаречениот метаболомски индекс на медитеранската исхрана. Овој метод се заснова на разгледување на два можни диететски метаболички биомаркери за седум клучни делови од медитеранската исхрана: зеленчук, мешунки, овошје, житарки, млечни производи, риба и масти.

Метаболомиката ги проучува малите молекули – метаболити, кои се резултат на процеси на клеточно ниво. Количината на овие молекули може да се промени како одговор на телото на болести, исхрана и други фактори на животната средина. Научниците можат да научат многу за нашето здравје со едноставно мерење на нивото на метаболити.

 

„Како дел од студијата, беше создаден диететски метаболички индекс, за групите на храна кои се дел од медитеранската исхрана. Кога овој индекс е познат, се проценува неговата поврзаност со можното когнитивно оштетување“, објаснува нутриционистот Кристина Андрес – Лакуева од Универзитетот во Барселона.

Нивоата на специфични супстанции, вклучувајќи заситени и незаситени масти, полифеноли произведени од цревни бактерии и други растителни материи, биле измерени во примероците од крв на учесниците собрани на почетокот на студијата.

Во текот на дванаесетте години, на учесниците им биле дадени пет невропсихолошки тестови за да се утврдат нивните когнитивни способности и можните оштетувања.

Фото: Pexels/Florencia Potter

Истражувачите, врз основа на резултатите и серумските биомаркери, откриле заштитна врска помеѓу медитеранската исхрана и когнитивниот статус кај постарите лица. Поединците кои повеќе се придржувале на медитеранската исхрана покажале значително побавно когнитивно опаѓање во споредба со оние кои помалку се придржувале до оваа диетална програма.

Студијата има и ограничувања, на пример, примероците од крв за метаболичката анализа биле достапни само на почетокот, така што тимот не можел да ја испита претходната изложеност или промените за време на следењето.

Ефектите на исхраната врз здравјето се секогаш сложени, но генерално, резултатите ја поддржуваат идејата дека исхраната може да игра улога во одржувањето на здравјето на мозокот и намалување на ризикот од когнитивно оштетување како што старееме.

Медитеранска диета за подобар сексуален живот: Оваа исхрана помага за еректилна дисфункција

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот