Пет тези за причините на бугарското вето за Македонија

Кои се причините и мотивите на Република Бугарија толку цврсто да опстане на позициите за блокирање на европскиот пат на Северна Македонија, доколку соседот не исполни сет на уценувачки барања, кои се апсурдни за целиот свет, освен за официјална Софија.

Ова прашање е едно од најдебатираните теми во јавноста во изминативе месеци, а како одговори произлегоа повеќе тези, освен се разбира официјално кажаните формални ставови на бугарската дипломатија. Сега на едно место ќе ги ставиме кажаните претпоставки, но ќе претставиме и некои нови теории за кои речиси воопшто не се зборува, или се начнати само парцијално.

1. Официјалниот бугарски став

Формално бугарската влада тврди дека нема да дозволи почеток за преговорите за Северна Македонија, доколку земјата не прифати сет на три барања: Целосно исполнување на договорот за добрососедство (на начин на кој Бугарија смета дека треба),  придржување кон формулата за јазикот од 99-та (значи не треба да стои македонски, туку “Официјалниот јазик на Северна Македонија”,  и трет услов е текст дека во никаква форма нема да се поддржуваат претензии на македонско малцинство во Бугарија. Образложението на официјална Софија за овие барања е дека од времето на создавањето на македонската република во Југославија и осамостојувањето на државата, се врши антибугарска пропаганда, се шири говор на омраза кон Бугарија и се угнетува бугарското малцинство во земјава. Понатаму бугарската дипломатија се повикува и на преговарачката рамка за Северна Македонија подготвена во Брисел, во која како норма се наведени и “добрососедските односи”, и овој аргумент е формалното покритие на бугарската влада пред европските колеги. Се разбира тука се и бугарските парламентарни избори во Март кои се важен фактор за добивање на внатрешно политички поени на македонското прашање.

2. Русија преку Бугарија ја блокира Македонија

Втора прилично експлоатирана теза е дека Русија преку своите инсталации во Бугарија всушност го блокира почетокот на преговори за Македонија со ЕУ. Оваа теорија природно се надоврзува со претходниот тврд став на Москва во однос на македонското членство во НАТО. Тогаш руската политика излезе и од рамките на стандардните дипломатски пораки, па имаше формулации и за “нелегитимност” на изборот на владата во 2016, критики за склучувањето на преспанскиот договор со Грција, па дури и закани дека со влезот во НАТО, Македонија станува легитимна цел на руските ракети во случај на конфликт со алијансата. Русија инаку има отворена позиција со која се спротиставува на ширењето на НАТО а рускиот претседател Владимир Путин, вешто ги користи комплицираните односи со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за да го ослаби единството во алијансата. Во случајот со Бугарија и Северна Македонија повторно се работи за судир на две членки на НАТО, што доаѓа како одлично продолжение на руските напори за дестабилизација на јужното крило на НАТО. Доста интересна е инаку позицијата на Грција за македонско – бугарскиот спор, каде официјалните грчки представници мудро молчат, но неодамна провладиниот весник “Катимерини” објави голем коментар со кој се порачува дека со своето однесување Бугарија нанесува штета на единството во алијансата. Истиот став инаку дојде и од американскиот Стејт департмент кој повикува спорот меѓу Скопје и Софија да се решава билатерално, со предупредување дека проблемот може да влијае врз единството на членките на НАТО.

3. ЕУ преку Бугарија ја блокира Македонија

Трета теза која посрамежливо се спомнува е дека блокадата на европскиот пат на Македонија не ја прави Бугарија, туку истата доаѓа директно од Европската унија. Образложението е дека ЕУ иако формално одобрува почеток на преговори за Албанија и Македонија сепак не сака сега двете земји да го почнат европскиот пат. Причините за скептицизмот на Брисел можат да бидат повеќедимензионални. Од проблемите во самата Унија предизвикани од Брегзит и мигрантските бранови, до заморот од проширување, потоа незадоволството од нивото на демократските процеси во Источна Европа, високото ниво на корупција во двете земји како и кај оние кои веќе преговараат, Србија и Црна Гора. Тука е и најспорната тема, дека ЕУ не сака да прими две земји кои имаат значително исламско население. Холандија јавно порачува дека нема да дозволи почеток на преговорите за Албанија поради нивото на корупција во земјата, додека Германија пак остро се противи на раздвојување на двете земји од заедничкиот пакет на проширување. Според оваа теорија бугарското вето е одличен параван да не се дозволи почеток на преговори за Македонија, бидејќи Брисел веќе реално нема што да побара или со што да ја услови земјава.

4. Договор меѓу Грција и Бугарија

Ова е исто така ретко спомнувана можност, а се состои од евентуален таен план меѓу Грција и Бугарија за блокирање на европските перспективи на земјава. Според оваа теорија, Атина и Софија имаат направено долгорочен план некаде пред потпишувањето на преспанскиот договор за блокада на земјава, овој пат од источниот сосед. Костурот на овој план се состои во вековните стратегии на Грција и Бугарија за елиминирање на државотворен елемент меѓу нивните граници со име Македонија, во кој живеат Македонци и говорат македонски јазик. После силниот притисок на САД за потпишување на преспанскиот договор и влезот на земјава во НАТО, реално официјална Атина веќе не смее да има забелешки за северниот сосед. Но затоа грчката дипломатија според оваа теорија на заговор нашла начин да ја продолжи блокадата преку Бугарија, со наоѓање на заеднички интерес меѓу Атина и Софија.

5. Создавање терен за нова држава како одговор на „Голема Албанија“

Иако македонската дипломатија во овој момент ја предводи Албанец, преку ликот на министерот за надворешни работи Бујар Османи, забележливо е дека представниците на албанските партии во земјава или од соседството ретко зборуваат за македонско – бугарскиот спор, или кога зборуваат не влегуваат премногу во материјална расправа. Мора да се каже дека слична ситуација постоеше и во децениите на македонско – грчкиот спор и логично објаснување на тој став беше и сеуште е, дека албанците не сакаат да коментираат сензитивни прашања поврзани до идентитетот на македонците. Интересна изјава за сегашниот спор даде претседателот на Алијансата за албанците, Зијадин Села кој кажа дека Бугарија има територијални претензии кон Македонија. Оваа изјава на господинот Села веројатно несвесно одговара на тезата дека во преговорите со Бугарија се прави ревизија на историјата но и на идентитетот на македонскиот народ. Евентуалното решение меѓу Скопје и Софија би требало да биде само почетна точка за создавање на една нова нација во иднина, или според бугарските гледишта за “реобединување” на бугарската нација од територијата на денешна Македонија и Бугарија. Секако таа ново – стара нација би значела и формирање на нов државен субјект или припојување на дел од териториите на сегашна Северна Македонија кон Бугарија како противтежа на напорите на Албанците од регионот за обединување во зедничка држава.

ЗАКЛУЧОК

Спојувањето на сите овие тези на едно место не значи дека некои од нив се точни, дека тезите не можат се уште да се разработат и дека за секоја од нив нема и сериозни контра тези базирани врз аргументи, логика и анализа. Тезите исто така не се поставени за да предизвикаат нови контроверзи, туку преку нив се обид на аналитички начин да се пристапи кон сите можни димензии на македонско – бугарскиот проблем.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот