
Пет категории на политичари со различни ставови ѝ создаваат главоболка на Фон дер Лајен пред гласањето за нејзина доверба
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се соочува со второ гласање за доверба за три месеци оваа недела, при што пет категории политичари со многу различни ставови ѝ создаваат главоболка, додека некои од нив сакаат да ја отстранат од функцијата, пишува денес Политико.
Препорачано
Никогаш не е добро да се води војна на повеќе фронтови, но претседателката на ЕК, која е на функцијата од 2019 година, нема алтернатива, а опасноста демне од сите страни, наведува овој медиум.
Не станува збор само за гласањето за доверба со кое се соочува оваа недела во Европскиот парламент, оценува Политико, туку и за оние кои се чувствуваат предадени и ѝ се закануваат на посуптилни начини, и кои од пријатели се претвориле во непријатели, и чии високи стандарди таа никогаш не можела да ги исполни, а можеби никогаш и немала намера.
Од друга страна, повеќето од овие спротивставени групи не се согласуваат меѓу себе, што значи дека нејзините непријатели се поделени, што ѝ помага, објаснува порталот.
Првата група на оние кои се меѓу најразочараните од Фон дер Лајен од почетокот на нејзиниот втор мандат во декември се активистите за животна средина и клима.

Додека Зелената агенда, насочена кон намалување на емисиите на стакленички гасови и подобрување на биодиверзитетот, како и преминување кон обновлива енергија, беше водечка иницијатива на претходната Европска комисија, од минатогодишните европски избори, тој фокус значително се промени.
Активистите за животна средина стравуваат дека новите предложени мерки од страна на ЕК ќе го поништат досегашниот напредок во борбата против климатските промени, а Комисијата се повеќе се двоуми да предложи и спроведе регулативи во корист на Зелената агенда.
Оваа категорија противници ја загрижува Фон дер Лајен бидејќи сè уште ѝ е потребна нивната поддршка за да усвои некои регулативи, иако нивното влијание значително се намали по европските избори во 2024 година, наведува Политико.
Потоа, тука е и растечкиот број на европратеници кои уживаат да го оспоруваат секој потег на претседателката на ЕК, што всушност е еден од столбовите на нивната политичка кампања.
Тоа се членови на екстремната десница и крајната левица, кои се побројни во ЕП од кога било досега. Групи кои припаѓаат на овие насоки покренаа иницијатива за гласање за доверба на фон дер Лајен.
Низ целиот европски континент, има сè поголем број антиевропски сили на власт или во гласната опозиција, а овие политичари знаат дека кревањето врева е половина од добиената битка.

Како што пишува Политико, тие ѝ создаваат главоболка, не затоа што имаат доволно места во ЕП за да ги блокираат нејзините идеи, туку затоа што доминираат во наративот и внесуваат хаос во секоја дебата.
Тие одговараат на секој документ за регулативите на ЕК со 10-секунден вирален клип кој ги поништува пораките на Комисијата и патува 10 пати побрзо на социјалните медиуми.
Тие гласно прогласуваат дека „Фон дер Лајен е олицетворение на ѓаволот, а нејзината Комисија само им го загорчува животот на луѓето“, додека всушност мислат: „Да живее Урсула, ако не беше таму, ќе требаше да биде измислена“.
Третата група нејзини противници се нејзините пријатели кои се борат за грб, имено некои членови на централно-десничарската Европска народна партија, најголемото политичко семејство кое има членови од сите 27 земји на ЕУ, а на чиј врв е Урсула фон дер Лајен.
Партијата е поделена по некои клучни прашања, а внатрешните конфликти понекогаш ја доведуваат групата како целина, или поединечно, во конфликт со претседателот на ЕК.
Таков е случајот со построгите мерки против Израел што таа ги објави во септември, како и со нејзините планови за следниот седумгодишен буџет на ЕУ и целта за климатска неутралност до 2040 година.

Потоа тука се и еврофилите кои ја обвинуваат претседателката на ЕК дека ги ослабува ЕУ и нејзините институции со прифаќање повисоки тарифи за стоките на ЕУ по заканите од американскиот претседател Доналд Трамп.
Како што објавува Политико, некои од нив ја обвинуваат и дека ги продава европските земјоделци со тоа што се залага за трговскиот договор Меркосур со јужноамериканските земји.
Конечно, тука се вистинските носители на моќ кои ја поставија агендата и ја доведоа фон дер Лајен на функција, а тие се и шефовите на владите на 27-те земји-членки на ЕУ.
До неодамна, само лидерите на Унгарија и Словачка ја критикуваа Комисијата, но таа група се шири, па дури и оние на кои Фон дер Лајен некогаш можеше да смета за поддршка, како што е германскиот канцелар Фридрих Мерц, ѝ се придружија.
Голем број лидери се спротивставија на договорот со САД за трговските тарифи, додека нејзиниот предлог за климатски цели до 2040 година исто така наиде на нивно противење, како и предлогот за создавање „ѕид од беспилотни летала“ за потиснување на руските упади.
Тие предизвикуваат загриженост кај Фон дер Лајен затоа што ја доведоа на функција, а можат исто толку брзо да ја отстранат, заклучува Политико.