ВИДЕО | Пендаровски во ОН: Северна Македонија покажа способност да решава сложени прашања како што е „спорот за името“

Стево Пендаровски / Фото: Принтскрин

Почетокот на крајот на пандемијата е на повидок, треба да поддржиме нови идеи и иницијативи, а при соочување со сложените и меѓузависни проблеми на новото време ни треба посилно и подлабоко партнерство и солидарност. Тоа се дел од пораките што ги упати претседателот Стево Пендаровски, во обраќањето на генералната дебата од 76. сесија на Генералното собрание на ООН во Њујорк.

Претседателот рече дека како мала земја во Југоисточна Европа, Северна Македонија ја докажа својата способност, заедно со Грција, а со посредство на ОН, да решава и сложени прашања, како што е таканаречениот „спор за името“, што придонесе за дополнителна стабилност во регионот, а ефектите од Преспанскиот договор кој сега се спроведува, со добра волја, ќе биде од корист и за нашите земји и за регионот во целина.

Пендаровски потенцираше дека Западен Балкан е соочен со сериозни предизвици во поглед на неговите аспирации за европска интеграција.  – Ако сакаме стабилен и просперитетен Западен Балкан како важна алка во континенталната и трансконтинентална стабилност и безбедност, мора да разбереме дека итно е потребен пробив на планот на неговата европска интеграција, укажа Пендаровски, наведувајќи дека нашата држава продолжува да ги зајакнува внатрешната стабилност и развојот, како функционално мултиетничко општество, засновано врз начелата на демократија, владеење на правото и човековите права.

Изминативе скоро две години, рече во обраќањето, речиси и да нема држава која не беше сериозно погодена од Ковид-19. Сооченo со предизвик без преседан, човештвото се обедини и го мобилизираше целиот свој капацитет за да ги ублажи последиците од пандемијата и да се подготви за постковид епохата. И покрај разликите меѓу најразвиените земји и сите останати, што повторно испливаа на површина, бевме сведоци на серија одлични примери на солидарност и човечност низ светот. Иако битката не е целосно добиена, конечно можеме да видиме светлина на крајот на тунелот и повторно да се фокусираме на иднината. Во таа насока треба да поддржиме нови идеи и иницијативи, како што е иницијативата на Г7 ‒Градиме подобар свет, инфраструктурно партнерство, насочено кон помагање на светот во развој, најсилно погоден од ковид-19, наведе Пендаровски.

Како што посочи, самиот факт што најголемиот број лидери се присутни, наместо да се обраќаат преку видео- пораки, говори дека почетокот на крајот на пандемијата е на повидок.

-Пандемијата, како и секоја голема несреќа во историјата на човештвото, е лекција која мораме да ја научиме. Не само ковид-19, туку повеќето од предизвиците со кои се соочува човештвото не запираат на нашите државни граници и не прават разлика меѓу нациите, религиите и идеологиите. Со сите глобални проблеми, без разлика дали се работи за безбедност, пандемии или климатски промени можеме да се избориме само со поголема емпатија, соработка и солидарност, рече Пендаровски.

Шефот на државата нагласи дека реалноста, денес, е дека нашиот свет е далеку од безбедно место за живеење. Конфликтите низ целата планета, активни или замрзнати, тероризмот, хибридните закани, рече, продолжуваат да ги загрозуваат нашиот мир и начинот на живеење, да ги загрозуваат човековите права и слободи, предизвикувајќи хуманитарни катастрофи и бранови бегалци. При тоа ја сподели загриженоста на многу лидери за последниот развој на настаните во Авганистан, вклучувајќи го и генералниот секретар на ОН, кој предупреди дека светот се соочува со уште една хуманитарна катастрофа и повика на помош, здружени напори и солидарност.

-Водена од чувството за морална обврска, како и солидарната одговорност, мојата земја, Северна Македонија, веднаш ја искажа својата подготвеност да прими значителен број бегалци од Авганистан, особено од најранливите категории и луѓето кои долги години работеа за агенциите на Обединетите нации во таа земја. За стотици од нив веќе е обезбедено сигурно засолниште и услови за достоинствен живот. Веднаш откако првиот авион со авганистански бегалци слета на скопскиот аеродром, се роди бебе во локалната болница, симболичен извор на надеж и доказ дека животот, сепак победува! Подготвени сме да дадеме свој придонес кон напорите на меѓународната заедница со цел да овозможиме подобар живот за овие лица погодени од воениот хаос и деструкција, порача Пендаровски.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот