Пендаровски: Политичарите креираат рамка, но младите, успешни луѓе ја движат државата напред

фото: МИА, ТИРЗ и Стопанската комора ја претставија првата генерација амбасадори на концептот „Иднината почнува дома“

ТИРЗ и Стопанската комора вечерва ја претставија првата генерација амбасадори на концептот „Иднината почнува дома“. Од вкупно 32-ца млади, успешни луѓе, десет се номинирани од ТИРЗ, исто толку се предлог на Комората, а останатите 12 се номинирани од пошироката јавност.

Како што рече претседателот Стево Пендаровски, политичките лидери креираат рамка, но овие луѓе ја движат државата напред.

На младите, квалитетни луѓе, напомена, треба да им се даде видливост.

„Не само политички, туку ни требаат и други лидери зашто се поинакви предизвиците. Ни требаат лидери во дигиталната сфера, луѓе кои се борат за човекови права, за лицата со посебни потреби, за здрава животна средина,… Во една прилика кажав и сега ќе повторам, најголемата закана за земјава е демографијата, иселувањето на младите. Имаме паметни деца, тие мора да влечат напред“, истакна Пендаровски.

Тој оцени дека е трагично кога во една земја најпопуларни се политичарите.

„Кога ја видов листата со 32-та млади луѓе, прво ми падна на памет дека меѓу нив нема ниту еден политичар. Ако овие млади луѓе не се веќе, сега или многу брзо ќе бидат препознаени. Имаме супер квалитетни луѓе на кои мора да им даваме видливост, а и сите треба да учиме од нив. Треба со наш памет да ја туркаме државата напред. Младите стојат зад секоја општествена промена. Ние повозрасните може да помагаме со сугестии, но тие влечат напред“. истакна Пендаровски.

Според директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, кога станува збор за иднината на државата, а посебно за младите, квалитетни луѓе, матрицата мора да биде натпартиска.

null

„Ако секој од овие млади, успешни луѓе, од оваа прва генерација амбасадори, поттикнал барем еден да ја гради иднината дома, тогаш е постигната целта. Всушност, ова се луѓето кои треба да бидат вест, не треба политичките вести секогаш да бидат доминантни“, нагласи Деспотовски.

Тој најави и дека проектот на ТИРЗ и Стопанската комора, поддржан од претседателот Пендаровски, продолжува.

„Преку овој нов концепт на соработка претставуваме  извонредни личности, млади визионери, креатори, двигатели на идните промени со кои заедно ќе работиме на нови иницијативи за младите во земјава“, дополни Деспотовски.

Меѓу амбасадорите на „Иднината почнува дома“ се актерката Дарја Ризова, деветгодишниот математичар Македон Димитриевски, пијанистот Дино Имери, Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутер“,…

По претставувањето, на амбасадорите им беа врачени статуетки, а беше прикажано и видео со нивни кратки пораки.

ТИРЗ и Стопанската комора го почнаа концептот „Иднината почнува дома“ во декември 2023 година. Најавија дека целта е креирање платформа преку која веќе успешни млади луѓе – од домашни компании, од компании во ТИРЗ, како и средношколци и студенти, ќе ги мотивираат младите. Во рамки на проектот, десет млади се номинирани за „двигател на промени“ од ТИРЗ и од претседателот на државата, а десет се номинирани од Стопанската комора. Покрај нив, предложени беа уште 12 млади за кои јавноста сметаше дека се локални херои, инспиративни едукатори, иновативни претприемачи или страстни активисти.

Бројката од 32-ца млади, амбасадори на „Иднината почнува дома“, симболизира 32 години од независноста на државата и нејзиниот иден раст и развој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот