„Пејпер мил“ труел и со „полабава“ дозвола

Методите на бугарската лабораторија „Лабленд“, која ја ангажираше управата на кочанската фабрика за хартија „Пејпер мил“, не се прифатливи, утврдил странскиот експерт, од кого државниот Инспекторат за животна средина побарал да ги спореди тие мерења со мерењата направени од акредитираната лабораторија ангажирана од Инспекторатот.

Оттаму информираат дека наредбата за забрана на користење на котелот на пелети во „Пејпер мил“ произлегува од надминувањето на граничните вредности на емисии утврдени со мерења на две акредитирани лаборатории – „Еуромак-контрол“ и „Фармахем“, направени на 13 и 23 ноември и на 30 декември лани, кои лабораторијата, ангажирана од сопствениците на фабриката, не ги утврдила.

Инспекторите побарале од Министерството за животна средина да ја коригира А-интегрираната еколошка дозвола на кочанската фабрика издадена лани во март бидејќи дозволува дури 150 микрограми на кубен метар загадувачки честички, а не пропишаните 50 мг/м3 како што налагаат важечките правилници, појаснуваат од Инспекторатот откако во јавноста се појави веста за намерата на бугарските газди на „Пејпер мил“ да ја затворат фабриката во која се вработени 120 кочанчани, бидејќи не им е дозволено да горат пелети.

„Со помош на оценувачот и издаденото стручно мислење на Институтот за акредитација, се утврди дека бугарската лабораторија Лабленд за мерење емисии на прашина користела метод чијшто мерен опсег е под 50 мг/м3, а издадени се резултати надвор од мерниот опсег на методата (74мг/м3)“, стои во соопштението на Инспекторатот објавено на службениот фејсбук-профил на институцијата.

Исто така и за мерење на емисиите на штетни гасови како јаглерод моноксид, азотни оксиди, сулфур диоксид, јаглерод диоксид, лабораторијата Лабленд не користела референтни методи, па бидејќи опсегот на акредитираните методи на Лабленд не бил во согласност со важечките правилници, Инспекторатот не можел да ги прифати мерењата на оваа лабораторија.

Од друга страна, пак, двете мерењата на домашните лаборатории, ангажирани од Инспекторатот покажале високи надминувања на граничните вредности. Доколку Министерството ја коригира дозволата на „Пејпер мил“, ќе се покаже дека и мерењата направени од бугарската лабораторија покажуваат надминувања во загадувањето од оџаците на фабриката.

„Пејпер мил“, странска инвестиција со доминантно бугарски капитал, со месеци наназад беше посочувана како еден од главните загадувачи на воздухот во Кочани, поради што се одржаа повеќе граѓански протести, на кои жителите на овој град бараа од надлежните во државата итно преземање мерки за да престане загадувањето. Пред неколку денови сопствениците на оваа фабрика за преработка на отпадна хартија најавија дека ќе работат нерентабилно ако прифатат да согоруваат плин наместо како досега пелети и ги испратија вработените дома. Додека се чека конечната одлука на управата дали ќе стават клуч на „Пејпер мил“,  од Државниот инспекторат за животна средина велат дека нема да дозволат загрозување на здравјето на граѓаните.

Се затвори фабриката „Пејпер мил” во Кочани, најголемиот загадувач на воздухот во градот

Кочанчани со порака до „Пејпер Мил“: Доста не труевте, а работниците лесно ќе си најдат друга работа!

Кочани се гуши во чад, граѓаните вперуваат прст во „Пејпер Мил“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот