Патувачкото кино на „МакеДокс“ имаше успешна мисија во руралните средини

Проекција во Горно Оризари / Фотографија: Сашо Алушевски

Проекцијата на документарни филмови во Горно Оризари, со повеќе од 350 присутни посетители, беше круна на активностите на 14-тото Патувачко кино на „МакеДокс“, кое од 14 до 17 септември беше во областа Азот во велешкиот реон.

Заврши 14-тото Патувачко кино на „МакеДокс“. На последната вечер, на 17 септември, Патувачкото кино премиерно го прикажа документарниот филм „Историјата на Оризари“ во продукција на Здружението на граѓани „Гласот на Оризари“. Филмот ја прикажува преселбата на Санџаклиите во селото Горно Оризари со изјави од постарите жители на селото, но и со вклучување на помладите генерации, кои зборуваат за животот во населбата. Сценариото на филмот е на Семир Алимов, монтажата на Елмин Каришиќ, а наратор е Енвер Карталовиќ. По документарниот филм беа прикажани три кратки анимирани филмови за младата публика во Горно Оризари.

Патувачкото кино на „МакеДокс“ годинава се одржа во светиниколскиот реон од 8 до 11 септември со проекции во Свети Николе, с. Горобинци, с. Ерџелија и с. Мустафино, а потоа продолжи во велешкиот реон од 14 до 17 септември со проекции во с. Чашка, с. Теово, с. Богомила и с. Горно Оризари. На проекциите во Чашка и во Богомила имаше по 50-ина гледачи, кои имаа можност да проследат проекции на анимирани и кратки документарни филмови од програмата на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

Проекција во Теово / Фотографија: Сашо Алушевски

Филмската проекција во селото Теово на 15 септември беше реализирана во два сегменти. Како новитет во програмата на Патувачкото кино во првиот сегмент беа промовирани осум видеоспотови направени на песни од музичкиот албум „Вознесено“ (Ascend) на бардот на македонската и екс-ЈУ музичката сцена Горан Таневски, поранешен вокал на култната група „Мизар“. На проекцијата беа присутни мештани од селото, но имаше и публика од Скопје дојдена на промоцијата на албумот.

Како домаќин во Теово се чувствува и Горан Таневски, бидејќи веќе извесен период живее и работи таму. Како музичар, неговиот длабок вокал остави силни траги во македонската музичка историја. Со албумот „Вознесено“ тој испраќа порака дека секој уметник и секој човек треба да настојува секогаш да се издигнува себеси барем едно ниво повеќе од тоа што е и на тој начин да го даде својот креативен придонес на светот и на векот.

Горан Таневски во с. Теово / Фотографија: Сашо Алушевски

Во музички стил, во вториот сегмент на проекцијата во Теово беше прикажан креативниот документарен филм „Мојот превртен свет“ на режисерката Петра Селишкар и на кинематограферот Бранд Ферро во продукција на „Петра Пан филм продукција“ (Словенија), ППФП (Македонија) и „Рестарт“ (Хрватска).

Исклучително успешна мисија оствари 14-тото Патувачко кино на „МакеДокс“ оваа година. На проекциите беа присутни повеќе од 900 посетители во осумте населени места во двата реони, а како пред-настан имаше проекција и покрај реката Бабуна во близина на селото Црквино во рамките на манифестацијата „Средби на Родот“.

Проекција во Чашка / Фотографија: Сашо Алушевски

Од оваа година Патувачкото кино почна и со новата програмска активност на собирање мемориска граѓа од постарите жители во посетените села. Покрај проекцијата на креативни документарни филмови во рурални средини, организирањето на Патувачкото кино е дел од пошироката рамка на децентрализација на културата низ целата држава. Реализацијата на Патувачкото кино е поддржана од Агенцијата за филм на РСМ и од „МакеДокс“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот