Партиски пазарења: Дали Мицкоски бара власт за сепак да го смени Уставот!?

Фото: Колаж/Слободен печат

Премиерот Димитар Ковачевски го праша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дали од странските политичари бара гаранции да дојде на власт во замена за уставните измени. На прашањето на Ковачевски упатено од партиска трибина експресно одговори пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки дека народот, а не странците даваат или земаат власт.

Премиерот изминатиов период ја заостри реториката кон политичките опоненти, Мицкоски и претседателот на Левица Димитар Апасиев и од секоја партиска трибина упатува жестоки критики и обвинувања. Според Ковачевски, Мицкоски е човек без визија и став, а лидерот на Левица, Димитар Апасиев, е пироман со визија за хаос и меѓуетнички тензии. Од друга страна пак, Мицкоски и јавно се пожали дека премиерот го навредува, но и тој не го поштеди и му возврати дека наместо Ковачевски да се однесува државнички, тој на партиските собири се претставува како стендап комедијант.

Дали на странските политичари кои доаѓаат во Северна Македонија, вклучително и на домашните политичари, на состаноците кои ги има со нив им вели: Дајте ми власт и ќе го сменам Уставот. Нека одговори, па нека чујат и странците и нашите граѓани – праша Ковачевски од партиската трибина во Куманово.

Премиерот редовно му одговара на Мицкоски за континуираното барање за предвремени парламентарни избори со констатацијата дека изборите ќе бидат во 2024 година.

Мицкоски вели храброста се мерела со барање за предвремени избори. Не е тоа храброст, храброст не е да седиш на страна, да правиш штета и да бараш предвремени избори. Храброст е да завиткаш ракави и да обезбедиш антикризни мерки, храброст е да се обезбеди македонскиот идентитет еднаш засекогаш за да не им се оставаат нерешени прашања на идните генерации, а најголема храборста е да донесеш одлука за иднината на земјата. Немаш храброст Мицкоски и тоа граѓаните го препознаваат. Еднаш на аеродром му велиш на Бојко Борисов, го поддржувам Договорот со Бугарија, еднаш на Кирил Петков му вели да ќе поддржи уставни измени, а потоа на пратениците им вели донесете нотарски изјави дека нема да гласате за уставни измени. Потоа излегува и вели дека ако Европа ни даде гаранции ќе поддржам уставни измени. Тоа ли е човек со став – рече Ковачевски.

Според премиерот, Мицкоски е лицемерен, бидејќи како докажан анти ЕУ политичар јавно декларира дека ВМРО-ДПМНЕ е против уставните измени, па дури и мафташе со некакви изјави заверени од нотар дека пратениците од опозицијата се обврзале дека нема да гласаат за внесување на Бугарите во Уставот.

Но Мицкоски едно прави во јавноста, а сосема друго зад затворени врати. Мицкоски да одговори дали на странските политичари кои доаѓаат во државата, вклучително и на домашните политичари, на состаноците што ги има со нив им вели: “Дајте ми власт и ќе го сменам Уставот“? Јавноста заслужува да ја знае вистината, на кои домашни и странски политичари Мицкоски им велел дека ќе го сменел Уставот доколку му дале власт? Мицкоски се бори за власт и само за власт, нему не му се важни ни граѓаните, ни државата. Расте кај Мицкоски стравот и нервозата, бидејќи како одминува времето Апасиев му ги зема гласовите, затоа тој станува се поекстремен, само за да не заостане зад Левица – порача Ковачевски.

Навреди и обвинувања не изостанаа ни од најголемата опозициска партија. Ковачки го карактеризира Ковачевски како човекот кој се крие „позади Цаци“, поставен да одработи на штета на македонскиот народ и на Македонија, не знае дека народот е тој кој бира и дава и народот е тој кој зема на избори, а не странските политичари и дека такви лаги не поминуваат.

Храброста можеше да ја покажеш тогаш кога беше најпотребно и наместо да дезертираш и да вадиш лажни лекарски белешки, да се бориш за Македонија или пак барем сега кога веќе те поставија таму каде што си, да излезеш на ТВ дуел и на избори, па народот да слушне и да види колку си храбар. И за крај, за разлика од него нема потреба од прашања, на сите им е јасно дека Ковачевски не само што така си мисли, туку и гласно си кажува: Се ќе потпишам, само да бидам премиер, затоа што друга шанса и прилика нема. Епа Таче, седи си и не станувај, не се брукај – му одговори Ковачки на премиерот.

Мицкоски на секој свој јавен настап континуирано го предизвикува Ковачевски да излезат на предвремени парламентарни избори, бидејќи според опозицискиот лидер изборите се единственото решение за спас на државата од кроминалната власт и за излез од економската и од енергетската криза. Пред два дена претседателот на ВМРО-ДПМНЕ повторно еднаш побара одржување на предвремени парламентарни избори и упати критики кон премиерот.

Додека Македонија има многу проблеми, тој онака храбро како комедијант одлучува да ме навредува мене и ВМРО-ДПМНЕ на неговите настапи. Ако е толку храбар, да одиме на предвремени парламентарни изборирече Мицкоски.

Во меѓусебните пресметки не заостануваат ниту Ковачевски и Апасиев. Според премиерот, Апасиев е агент на хаосот и сериозна закана на нашиот на нашиот европски пат

-Најзабележителен и најопасен во моментов е Димитар Апасиев. Тој е агент на хаосот. Тој верува дека колку повеќе е лошо за земјата – толку е подобро за него. Неговата цел е да запали оган за луѓето да се стоплат и да заборават дека горат нивните чевли. Еве каде многу луѓе грешат и тука е токму опасноста. Економската криза и фрустрацијата ги очајуваат луѓето и ги тера да размислуваат да му дадат шанса. Во руралните средини, меѓу младите, дури и меѓу средната класа кои се борат под кризата на трошоците за живот. Не се лажете – тој станува посилен – рече додаде Ковачевски.

Апасиев преку Фејсбук му одговори на премиерот.

-Синоќа, октроираниот премиер Таче, на партиска трибина во мојот роден Велес рекол: Апасиев е агент на хаосот. И некој од публика му дофрлил: „Апасиев е дете на стечајци – напиша Апасиев.

Според претседателот на Левица, нападите од Ковачевски се бидејќи СДСМ има ист рејтинг како Левица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот