Парламентарното мнозинство на Мицкоски мистериозно

Христијан Мицкоски / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Наспроти информациите објавени во дел од медиумите дека ВМРО-ДПМНЕ веќе го стокмила собраниското мнозинство, вчера партискиот лидер Христијан Мицкоски официјално не ја потврди информацијата.  

– Да, работиме на тоа. Мојата цел е што побргу да падне Владата на Зоран Заев. Дозволете да не зборуваме за бројки – рече Мицкоски.    

Пратеникот од пратеничката група на Мицкоски, Владо Мисајловски, завчера „типуваше“ дека собраниското мнозинство ќе го напуштат пратениците од Беса, поради Законот за лични карти.

– Заев не сака Законот за лични карти да се донесе, бидејќи ќе се прекрши Преспанскиот договор. Беса инсистира бидејќи партискиот рејтинг стагнира. Таквата состојба во коалицијата се пресликува во Собранието, со тоа што не може да се обезбеди кворум. За да се изгласа кој било закон претходно има пазар помеѓу ДУИ, СДСМ и Беса. Освен заболените од коронавирусот, не доаѓаат и пратеници од помалите партии. Кратко време потоа гледате некој нов функционер, нови позиции и работни места – рече Мисајловски за ТВ Сител.  

Пратеникот на Беса Кастриот Реџепи ги демантираше овие тврдењата на Мисајловски.

– Гледаме дека нема ново собраниско мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ако го имаше, тие и официјално ќе го објавеа. Со таквите вести им се дава лажна надеж  на незадоволните партиски структури за да се држат во кондиција за локалните избори – вели Реџепи.  

И лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека не размислува за ново собраниско мнозинство и дека „нема никакви тешкотии во функционирањето на ова партнерство и коалиција“.

Во меѓувреме Иницијативниот одбор за смена на Мицкоски, го прашува Мицкоски ако има мнозинство, зошто тогаш ѝ се остава еден ден повеќе на власта доколку тоа е на штета на Македонија. Оттаму го повикаа Мицкоски да објасни како ќе коалицира со Алијансата за Албанците, кога генералниот секретар на оваа партија Арбен Таравари соопшти дека оваа партија нема да коалицира со некого кој не ги признава Преспанскиот договор или Договорот за добрососедство со Бугарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот