„Парк фестивал“ во Гостивар: „Ну Погоди!“ ја воодушеви и публиката

Пред голем број на посетители, почитувајќи ги сите протоколи неопходни во време на пандемија, под отворено небо, во прекрасниот парк лоциран покрај реката Вардар, се одржа концертот „Ну Погоди!“, кој својата премиера ја имаше лани во Скопје во Градскиот парк на „Филхармонија на отворено“.

Овој пат, симфонискиот оркестар „Меџикал оркестра“, заедно со бенд – дел од членовите на ЗЏМ (Здружението на џез-музичари на Македонија) и членови на хорот „Про Арс“, под диригентство на маестро Џијан Емин, го претставија мултимедијалниот проект „Ну Погоди!“ и пред публиката во Гостивар која уживаше во едночасовниот музички настан.

Дел од музиката од анимираните филмови кои го одбележаа детството во 70-тите и 80-тите години на минатиот век, како „Ну Погоди!“, „Козле Бозле“, „Балтазар“, „Мечето Ушко“ итн., го чинат репертоарот на овој проект кој навистина ги бранува емоциите на различни генерации на слушатели – дел од нив се присетуваат на своето детство, дел од нив за првпат ги слушаат извонредните теми и се запознаваат со она што на музички план особено, се креирало во не толку далечното минато во Источна Европа. Диригентот Џијан Емин и музичарите и овојпат го вложија својот уметнички капацитет да ја „озвучат“ таа атмосфера и да создадат магија на сцената.

„Многу сме ви благодарни што дојдовте, знаеме дека не е лесно да се реализира ваков голем проект во друг град, но ова ни даде надеж дека она што се случува во Скопје може, ако се сака, да се случува и во други градови во земјава“.

„Прекрасен концерт, одамна во нашиот град немало вакво случување!“ – беа само мал дел од коментарите по синоќешниот концерт под наслов „Ну Погоди!“, кој се случи во рамките на фестивалот „Парк фестивал“ во Гостивар.

Посетителите во Гостивар, како што и самите коментираа по завршувањето на настанот, беа сведоци на еден поинаков уметнички настан кој долго ќе го паметат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот