Panem at circenses и ниски страсти

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

„Леб и циркус“ е фраза за политиката која лошите и корумпираните лидери ја користат за да ги дефокусираат масите од суштинските проблеми и да добијат поддршка, ама не со извонредност во јавната служба, туку со одвлекување на вниманието со скандали за да се задоволат ниските страсти

Насловот, можеби сте го заборавиле од часовите по историја или латински, е метафора за политикантството кое римските владетели во екот на најголемиот разврат во Рим го користеле за да ги задоволат масите и да го држат под контрола револтот од лошите политики и слабото лидерство.„Животот е циркус“ или „Леб и циркус“ како што се преведува во англосаксонската литература е фраза што во политички контекст е исмевање на политиката која лошите и корумпираните лидери ја користат за да ги дефокусираат масите од суштинските проблеми и да добијат поддршка, ама не со извонредност во јавната служба или во јавната политика, туку со пренасочување, со одвлекување на вниманието со кулоари, скандали и со палијативи за да се задоволат ниските страсти. На пример, храна (леб) како додаток на забавата или на сексуалните скандали. Сите сличности со „да риал лајв“, само да потенцираме, се сосема случајни и немаат врска со целта на темата.

Викендов што помина во некој слободен превод, за жал, потсетува на предвечерието на настаните во двете светските војни. Тоа е приод во кој дипломатијата е со фрлени ракавици и полна со иронични размени на изјави и навреди, наместо разумност, воздржаност и „фин“ начин некому да му кажете колку многу не го сакате или дека нешто не е како што треба. Операциите за влијание и пропагандата се на најсилно поради современите технологии, и стануваат дел од вокабуларот на дипломатскиот дискурс. На внатрешен план трката е почната и е бескрупулозна. Арно ама, таа во дадени држави е многу битна. Да, има тука муабети како „братски народи“, како „панславизам“, како панкатолицизам, како богати и сиромашни, ова и она. Сето тоа е на панагон, ама на крајот на денот е алчноста и жедта водена од ненаситност која ги нарушува сите чисти мисли и добри намери.

Оперативно, игранката во Африка добива своја приказна со по некој глушец што се обидува да го напушти бродот што тоне (како поранешниот претседател на сенатот во Буркина Фасо, или во стилот „спасувај си го штрунфот“, да се замине додека „не тропнал тапанот“. Нови актери што имаат логика во целата шаховска игра добиваат своја тежина или свои задачи, а економијата, барем за оние кои разбираат геостратегија, е клучот на целата приказна. Потенцијалната криза за храна е зад аголот не само поради руската блокада на житата од Украина, туку и поради ѓубривата кои се битни во целата претпоставка на производството за да се нахранат повеќе од 8 милијарди луѓе. На воен план во Украина нештата се болни, оти се повеќе ја отсликуваат вистината која либералниот стомак не може да ја поднесе или не може да ја разбере. Тоа е канал што Русите двојно го експлоатираат и успеваат да ги покријат сите слабости на таа сметка, сакајќи да ја пламнат Африка попатно преку парадоксот на либералниот свет кој го наметнува корпоративната метастаза. Ќе тргнеме по ред.

Размената на навредите помеѓу Борел и Захарова ги расплати социјалните мрежи. Најпрви Борел се пошегува на сметка на Русија споредувајќи ја со „бензинска пумпа со атомско оружје“. На ова Захарова врати во нејзин стил сакајќи да поентира на три основи. Прво, според неа, „луѓето што не можат да утврдат дали се од машки или од женски пол би било подобро да молчат додека не се самоидентификуваат“. Второ, алудирајќи дека ЕУ е пред банкрот таа порача дека на ЕУ ќе и биде подобро ако точи квалитетно гориво наместо ова што сега го користи – најверојатно заборавила дека нејзиниот шеф има добри шеми преку јужниот ни сосед, а богами и преку Турција за супер манипулација на нафтените ембарга (за ова веќе говоревме). На крај, подбивно, осврнувајќи се на нуклеарното оружје потенцираше дека само една држава во ЕУ успеа да развие нуклеарно оружје, другите се далеку од тоа.

Интересно, иако нема да се занимаваме со тоа фразата на денешниот наслов е релевантна и кај нас. Ваквата разврска е од особено значење ако се стави во контекст на операциите за влијание. Тој наратив е храна за раздорот кој ја цепи либералната реч и кој долева масло на огнот во очи на гласниот опортунизам кон ултралибералните политики и напорите за антидискреминација. Преку тоа, индиректно им се помага на Путин и Кси во нивните латентни намери преку наратив, но и преку дела, да се наметнат како лидери на едно ново движење на традиционалисти – оние што сакаат да ги сочуваат фамилијарните вредности.

Сето тоа е супер, но проблемот е во тоа што ваквите динамики и трендови имаат една фалинка што масите барем засега не може да ја препознаат. Во исто време со оваа изјава, многу подиректно потхранување на овој „рифт“ дојде од поранешниот претседател на Руската Федерација Медведев, кој преку сарказам некако синхронизирано со Захарова ги води овие операции за влијание, додека бедата во Русија прска на сите страни (предупредување: Москва и Санкт Петербург не се Русија). Во долгиот пост што го „твитна“, а илјадници тролови го споделија, Медведев предупреди дека поразот на Западот во Украина е неизбежен. Според него, обраќајќи им се наводно на руските граѓани и на сојузниците, тој го таргетира гласачкото тело во ЕУ. Меѓу другото, потенцира дека сè што треба да се направи е да се остави западните лидери (за кои подмолно го артикулира лошото водство како проблем) да даваат пари и опрема, да испорачуваат обука и сè што е потребно за Украина, онолку колку што треба. Ова Русија треба трпеливо да го дозволи бидејќи тоа нема да помогне работите на теренот да се сменат.

Подмолноста на овие операции за влијание е тешко препознатлива. Користејќи фрази и досетливост за метафора и за персонификации, Медведев, или оние кои му ги пишуваат постовите, се обраќа до руските граѓани директно, но индиректно до украинскиот народ и населението од Централна и од Источна Европа – земјите од поранешниот советски блок. За нив (мислејќи на западните лидери), според Медведев „оваа војна е далечна“. Воведувајќи симболика и емпатија, постовите на Медведев генерално како и во ова конкретно обраќање имаат и директни напади како на пример: „Иако можеби нема многу да сочувствува, Западот нема да оди подалеку од своите интереси“, „Без разлика колку гласно протестираат на самити или во ОН, туѓата војна на крајот станува здодевна и скапа…“ Паралелно на наративот, она што е исто така добро оркестрирано е примената на технологијата за дисеминација, грижливо избирање на тајмингот и на тематиката – допирање со актуелни политички изјави како онаа несреќната за евентуално давање територија од Украина на официјален претставник на НАТО, но и објавите на западните медиуми за проблемите и за предизвиците на контраофанзивата. Притоа, симболиката и емпатијата се сензитивни засилувачи на ефектот кој наративот заедно со трол-машините што го споделуваат сето ова на форуми со мешана публика (руска, украинска, полска… користење на јазикот како платформа за дисеминација) треба да го дадат.

На пример, тој се соживува со страдањето што Русија го предизвикува давајќи му морално одобрување, па вели: „За нас тоа е трагедија во која е вклучен нашиот народ, егзистенцијален конфликт за самоодржување. Соочени сме со избор: тие или ние“. Опасноста од овие операции на влијание ги препозна НАТО, поради што алудира на засилување на т.н. когнитивни капацитети за да се справи, меѓу другото, и со користењето на современата технологија за контра операции за влијание. Предизвикот (за кој говоревме во контекст на продолжување на војната во Украина) е во инженерингот на либерално-демократското управување кој, за жал, авторитарните системи добро знаат да го корумпираат и да го искористат во своја полза. Тоа, драги мои, се изборите – основната нишка на демократијата. Во нив трката и желбата за власт е толку остра што преку медиумите и современите технологии добива ултраспин кој е лесен плен за операциите за влијание. Ако ги слушате говорите на Трамп, без да заземаме страна, за важноста на фамилијата или, пак, интервјуата во кои тој алудира дека има решение за војната во Украина, станува јасно како овие операции за влијание имаат сериозен ефект.

Паралелно на операциите за влијание постои опасност заобиколувањето на руското ембарго на житните производи преку Црното Море да ескалира во напад врз територии на земја членка на НАТО. Премиерот на Романија Marcel Ciolacu изјави дека повеќе од 60 отсто од украинското жито би можело да се пренесува преку територијата на Романија. Проблем е што Русија почна да ги таргетира сите места и на копно и во вода каде што се прекршува едностраното ембарго.

Додека целата оваа игранка има свои финеси, во Африка работите се вжештуваат. Некако лабаво ЕКОВАС си подготвува офанзива во Нигер. Уште полабаво руски авиони си слетуваат во соседните земји на Нигер, како во Мали, а информации говорат дека сателитските снимки укажуваат на масовни конструкции на дел од овие територии што потсетуваат на воени бази или на магацини. Во исто време, претседателот на Гана мошне вешто, специфично за либералните лидери, реторички праша зошто сите се фокусираат на тоа како ќе учествуваат во постконфликтната реконструкција на Украина, а никој не зборува за разоружување и за демобилизација. Можеби поради искуството кое западните ентузијасти, со право, преку проекти на ООН и на трак-2 дипломатијата ги применуваа на територијата на Африка, за скандалите нема да зборуваме. Можеби и поради реалниот страв, како што тој посочи, дека тоа оружје ќе заврши во Африка. Во секој случај, она што паралелно плаши е промашувањето на целата конструкција на пристапот во Африка.

Додека африканските лидери се соочуваат со потребата од помош и од водство во „трансформативни напори за прекин на неоколонијализмот“, западните дипломати инсистираат со трансформативни проекти поврзани со либералните идеи за слободата на индивидуата и за антидискриминацијата. Далеку од тоа дека овие напори не се неопходни и дека се клучна алка за доброто владеење, а преку тоа создавање свет во кој либералната мисла ја операционализира идејата на Кант за перпетуален мир каде што сите држави ќе бидат либерални и наместо преку војна споровите ќе ги решаваат преку дијалог. Сепак, две работи веќе не се на дофат за да може да се форсира оваа агенда и пристап. Прво, доминација во меѓународните односи, што им дава алтернатива на корумпираните лидери, ако дојде „нож до коска“. Второ, работите со корпоративниот свет толку многу избегаа од контрола, што преку современите технологии т.н. суверени индивидуи имаат сериозно влијание врз политиките каде владите стануваат само машинерија што работи за големците, не за народот. Тоа, драги мои, е сериозен проблем.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот