Палките на голферот Тајгер Вудс продадени за рекордни 5,1 милиони долари

EPA-EFE/TANNEN MAURY

Палките биле ставени на аукција од страна на приватниот инвеститор Тод Брок, кој ги купил во 2010 година на една друга аукција за само 57.242 долари. Нивната автентичност е веднаш оспорена

Голферските палки на славниот Американец Тајгер Вудс, кои ги користел да го постигне историскиот „Тајгер слем“ во 2000 година, биле продадени за рекордни 5,1 милиони долари. Ова е убедливо најголема сума дадена за купување на предмети поврзани со историјата на голфот. Името на купецот не е објавено.

Тие палки ги користел Вудс (47) да го постигне таканаречениот „Тајгер слем“, односно да ги има во исто време титулите на САД Опен, Британскиот опен и ПГА опен (2000 година), заедно со титулата во Мастерсот (2001). Ова досега не му тргнало одрака никому освен на Вудс, да ги има сите четири главни титули во овој спорт во исто време.

Инаку, палките биле ставени на аукција од страна на приватниот инвеститор Тод Брок, кој ги купил во 2010 година на една друга аукција за само 57.242 долари. Аукцијата ја организирала фирмата „Голден ејџ окшнс“. Претходниот рекорд за најскапо продаден предмет од историјата на голфот била зелената јакна на голферот Хортон Смит, која во 2013 година достигнала цена од 682.000 долари.

Автентичноста на рекордно продадените палки на Вудс била доведена во прашање веднаш по аукцијата и тоа од страна на агентот на Тајгер, Марк Стејнберг, кој изјавил дека оригиналите се во гаражата на легендарниот голфер.

Инаку, Вудс неодамна го израдува голферскиот свет со својот камбек, по подолго отсуство од терените, на Мастерсот во Огаста (САД), на кој не постигна забележителен резултат, но потсети на старите времиња. Тој нема настапувано од тешката сообраќајка во 2021 година во која едвај куртули.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот