„Пакомак” со совети за полесно организирање рециклирање на стаклен отпад

Фото: Архива

Пролетта е период на промени, нови почетоци и очекувања, но и на подготвување за топлото лето кое е пред нас. Тоа значи и ослободување од непотребниот стаклен отпад насобран во текот на зимата. Иако понекогаш пролетното чистење може да изгледа како напорен и сложен процес на одбирање што треба, а што не треба да се исфрли – но со малку подобра организација, тоа може да ви прерасне во една од омилените домашни активности.

Компанијата „Пакомак” советува како полесно да го организирате процесот на чистење од непотребниот стаклен отпад.

– Што е отпад, а што не – За почеток, потсетете се „Трите Р”: Редуцирај, Реупотреби, Рециклирај. Ако во изминатите месеци успеавте да редуцирате дел од отпадот, тогаш направете поделба кој дел од останатиот отпад може да се реупотреби, а кој мора да се рециклира. Весниците и старата хартија можете да ги употребите за компост, оштетените парчиња облека искористете ги како крпи за чистење валкани површини, а употребливата облека донирајте ја некаде каде што е повеќе потребна. Не чувајте непотребно стари тегли или шишиња кои никогаш нема да ги употребите! Со паметно разделување на различните типови отпад, многу побрзо ќе знаете точно што имате во домот, што треба да се исфрли, а што може да се задржи и реупотреби, информираат од компанијата.

Оттаму посочуваат дека различните видови амбалажни материјали можат да се рециклираат, но само ако завршат на вистинското место.

– Секој отпад не припаѓа на истото место – ова е правило кое мора да го научите ако сакате да бидете одговорен и совесен член на општеството. Различните видови амбалажни материјали можат да се рециклираат, но само ако завршат на вистинското место. За полесно ориентирање, постојат три стандардни бои на контејнери!. Големите жолти контејнери се наменети за одложување на пластика, лименки и конзерви, додека помалите сини контејнери служат за одложување хартија. Има и посебен, трет вид на зелени игло-контејнери во кои се одложуваат стаклени шишиња и тегли. И кои благодарение на ГИЗ (Германското друштво за интернационална соработка), Пакомак и ЗЕЛС се поставуваат во нашата земја како дел од регионалниот проект „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан”, наведуваат од „Пакомак”.

Од компанијата посочуваат дека селектирањето и одложувањето на отпадот во соодветниот отпаден сад, ќе направи и вие да се чувствувате подобро со себеси како одговорна личност. Создадете здрави навики и оставете позитивен пример.

– Уште отсега почнете да го планирате го следното пролетно чистење и олеснете си ја работата. Оставете празен простор во неколку соби од домот и таму поставете корпи, канти или картонски кутии во кои привремено ќе го одложувате отпадот кој може да се рециклира. На пример, потребна ви е една голема пластична корпа за стаклени шишиња, една картонска кутија за одложување хартија и една стандардна канта за да ги фрлате пластичните амбалажи во неа. Ако успеете да го практикувате ова подолг период, ќе создадете здрава навика која ќе ви биде од корист во иднина, а можеби и ќе ги мотивирате другите членови на вашето домаќинство да ви се приклучат. Треба да знаеме дека од сите типови амбалажен отпад, стаклото се разградува најбавно – така на пример на едно стаклено шише му се потребни милион години за да се разложи и да стане дел од почвата. Тоа значи дека еднаш оставеното стаклено шише секогаш ќе го најдете на истото место каде што сте го фрлиле, доколку тоа не сте го направиле на соодветното место. Исто така, треба да знаеме и дека стаклото фрлено во природата со прекршување на сончевите зраци може да предизвика и пожар. Истото важи и за стаклото фрлено заедно со комуналниот отпад, завршува на депонија и повторно може да предизвика пожар, велат оттаму.

Од „Пакомак” истакнуваат дека грижата за животната средина е грижа на секој еден од нас, бидејќи свесно или несвесно, секоја наша постапка – без разлика дали е во домот или надвор од него – има некаков ефект на околината. – Затоа, прифатете ја вашата одговорност, селектирајте го отпадот и одложувајте го на вистинското место. Бидејќи се работи за сите нас!, велат од компанијата „Пакомак”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот