„Пакомак“: Неформалните собирачи на отпад треба да станат дел од системот

Стаклен отпад
Фото: Фејсбук

Садовите за селекција најчесто ги уништуваат неформалните собирачи, кои живеат од пластиката што ја собираат од нив, но факт е и дека на територијата на Скопје нема доволно контејнери за селекција на стакло, пластична амбалажа и хартија

Скопјани сѐ повеќе сакаат да го селектираат отпадот од домаќинствата, но за да го прават тоа, потребно е надлежните да им обезбедат соодветни услови, поточно што е можно повеќе садови за селекција на најразлични видови отпад. Од „Пакомак“ велат дека за да се искачи на едно повисоко ниво селектирањето во Скопје, потребно е пред сѐ да се реши проблемот со неформалните собирачи на отпад кои честопати знаат да бидат причина за оштетување на веќе поставените садови за селектирање, но и да се постават повеќе садови за селекција на повеќе локации во градот.

-Околу 50-60 отсто скопјани ги знаат правилата кој отпад во кој контејнер се фрла. Овие проценти пред 10 години беа скромни 10 отсто и растат од година во година. Ќе селектираат доволно ако им се створат услови за тоа односно ако се постават доволен број садови за селекција. Садовите за селекција најчесто ги уништуваат неформалните собирачи кои што живеат од пластиката што ја собираат од нив. Исто така покрај „Пакомак“ садови треба да поставуваат и самите општини. Значи, за да се селектира и рециклира повеќе, треба да се реши проблемот со неформалните собирачи, да станат формални и да станат дел од системот. За тоа треба помош од државата и институциите. Да се постават што е можно повеќе садови – децидни се од „Пакомак“.

Според нив, со цел да се „покријат“ што е можно поголем број локации во Скопје со садови за складирање селектиран отпад, тие досега донирале приближно 1.000 садови.

-Тоа не е доволно, но е доволна можност за луѓето да селектираат особено стаклена амбалажа бидејќи тие садови не ги уништуваат неформалните собирачи. Ние секоја година имаме план да поставуваме одреден број садови низ цела држава особено онаму каде што од поставените садови имаме видливи резултати за собран амбалажен отпад. Едукативните кампањи ќе бидат реализирани со веќе познатата динамика по неколку кампањи во текот на годината – велат од „Пакомак“.

И од ЈП „Комунална хигиена“ се согласуваат дека свеста кај населението за рециклирање на отпадот од година во година расте, но како што објаснуваат од ова јавно претпријатие, целиот овој процес на селектирање на отпадот е исклучително скап и дека тие како претпријатие со години наназад работат според средствата, капацитетите и механизацијата што ја поседуваат.

Според нив, иако на голем број локации во Скопје се поставени садови за селекција на отпад, сепак граѓаните знаат повторно да мешаат секаков вид ѓубре пред да го исфрлат во контејнер, па на терен состојбата честопати е преполни садови за отпад и полупразни контејнери за селекција на стакло, пластика и хартија.

-ЈП „Комунална хигиена“ Скопје има поставено вкупно 455 контејнери за примарна селекција на отпадот на територијата на Градот Скопје, од кои 298 се наменети за селекција на стакло, 131 за селекција на пет-амбалажа и 26 за селекција на хартија. Во претстојниот период планираме да спроведеме и кампања за подигнување на јавната свест околу значењето на примарното селектирање на комуналниот отпад – велат од ова јавно претпријатие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот