Падот на наталитетот и растот на старо население ќе ја скројат капата на пензискиот фонд

Пензионери разголени на жешко време на кеј / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Со стареењето на населението се зголемува и бројот на умрените, но тоа нема да го намали притисокот врз Пензискиот фонд затоа што истовремено се намалува работоспособното и вработено население, а тоа практично значи помалку пари за придонеси од кои се полни Фондот.

Одржливоста на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е цврсто поврзана со структурата на населението по возраст, а таа не е поволна, оценува Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика, чија особена специјалност е демографијата. Тој вели дека според сите направени анализи и податоци, во Македонија се намалува младото население, се намалува бројот на вработените, а се зголемува учеството на старото население.

И прогнозите во Стратешкиот план на Фондот за ПИОМ за периодот 2023-2025 година покажуваат дека ќе има повеќе пензионери во наредниот период. Така, прогнозите за 2023 година е таа да заврши со 343.245 пензиски корисници и да се исплатат вкупно 1,189 милијарди евра за пензии, во 2024 година се предвидени 349.043 корисници на пензии и исплата на 1,245 милијарди евра и во 2025 година се очекува да има 353.022 корисници, за што ќе требаат 1,272 милијарди евра за пензии. Значи, во овие три години е предвиден раст на бројот на пензионери за околу 10.000, а износот за пензии ќе се зголеми за речиси 100 милиони евра!

Со стареењето на населението се зголемува и бројот на умрените, но според Герасимовски, тоа нема да го намали притисокот врз Пензискиот фонд затоа што истовремено се намалува работоспособното и вработено население, а тоа практично значи помалку пари за придонеси од кои се полни Фондот.

– Податоците покажуваат дека се намалува младото население од 0 до 14 години од две причини – поради намален наталитет и поради иселувањето. Притоа, ние и немаме точно податоци колку има иселени деца, колку се родиле во странство, туку само имаме сознанија дека сè повеќе деца се раѓаат надвор од границите на земјава. Потоа, втора група на население која особено треба да се анализира е работоспособното население од 15 до 64 години и таа е најголема група. Но, во оваа група се и ученици и студенти, а и сите не работат. Она што е важно за пензискиот фонд е бројот на оние што работат и кои плаќаат придонес за пензиско осигурување. Третата категорија е населението кое е над 65 години, кое се вклучува во старо население и кое сè повеќе се зголемува – објаснува Герасимовски.

Според Податоците од Фондот за пензиско осигурување, во државава на крајот од 2022 година се евидентирани 572.327 осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување. Практично толку работници има што плаќаат пензиски придонес и кои ја полнат касата за 337.000 пензионери, односно еден работник издржува 1,7 пензионер. Податоците покажуваат и дека во 1990 година, на тројца вработени имало еден пензионер, а најлошо било во годините меѓу 2002 и 2006 година кога на еден вработен имало 1,3 корисници на пензија.

Дека не гледа подобрување во старосната структура, Герасимовски го потенцира наталитетот.

– Во 90-тите години од минатиот век имавме 34.000 живородени деца годишно, а сега бројката е двојно намалена и во 2022 година беше 17.000. Бројките покажуваат и дека има сè помалку првачиња, а со иселувањето прашање е колку од тие што се сега родени, ќе останат да работат тука – вели Герасимовски.

Според Герасимовска, намалувањето на стапката на невработеност не значи дека има повеќе вработени во земјата. Важно е движењето на бројот на вработените и наспроти тој број уделот на старото население.

– Населението во нашата земја е влезено во длабока демографска старост. Стапката на старото население е 20 проценти. Овие демографски трендови треба да бидат предмет на сериозна анализа и на стратегија за старото население – заклучува Герасимовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот