Озонската дупка над Антарктикот го достигнува максимумот, најголема е и најдлабока во последните 15 години

принтскрин/atmosphere.copernicus.eu

Научниците од „Коперникус“, службата за мониторинг на атмосферата предупредуваат дека озонската дупка над Антарктикот го достигнала својот максимум. Велат дека е најголема и има најдлабоко ниво во последните 15 години.

„Постои голема варијабилност во тоа како се развиваат озонските дупки секоја година. Озонската дупка во 2020 година е слична на онаа во 2018 година, која беше прилично голема, но оваа е дефинитивно една од најголемите во последните петнаесет години“, изјави Винсент Анри-Пеуч, раководител на „Коперникус“.

Озонска дупка“ е термин кој означува намалена концентрација на озон – алотропска модификација на кислород, во горните слоеви на атмосферата, кој спречува опасните ултравиолетови зраци да дојдат во пониските слоеви на атмосферата. Озонот е отровен гас, но во горните делови на атмосфертата има важна улога за живиот свет на нашата планета.

За жал, под дејство на некои гасови што ги произведува човекот, молекулите на озонот се уништуваат. Според податоците на „Коперникус“, концентрациите на стратосферски озон паднале на „речиси нулта вредност“ над Антарктикот на надморска височина од 20-25 километри.

Портпаролката на Светската метеоролошка организација, Клер Нулис, потсети дека озонската дупка почнува да се шири секоја година во август, на почетокот на пролетта на Антарктикот и дека својот врв го достигнува во октомври.

„Со враќањето на сончевата светлина на Јужниот пол во последните неколку недели, забележавме континуирано уништување на озонот над областа. По невообичаено малата и краткотрајна озонска дупка во 2019 година, поттикната од посебните временски услови, годинава регистриравме прилично голема озонска дупка, што нè потсетува дека треба да продолжиме да го спроведуваме Протоколот од Монтреал за забрана на емисија на супстанции што го осиромашуваат озонот “, предупреди Пеуч.

Експертите од „Коперникус“ објаснуваат дека двигател на проширувањето на озонската дупка овојпат бил силен и стабилен ладен поларен вртлог, постојан простор со низок притисок обично зад работ на огромниот глечер Рос, каде што температурите можат да паднат и до минус 80 степени Целзиусови.

Тие ја повикаа меѓународната заедница да вложи поголеми напори за да се осигура дека државите ќе се придржуваат кон меѓународниот договор за постепено исфрлање на хемикалиите што го осиромашуваат озонот, како што се хлорофлуоројаглеродите (CFC).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот