Овци, сестри и НАТО во нашиот град

Уште само крвна слика што не побараа. Фотографија, побараа. Не на цело тело, која на барање би ја вратиле, како на времето кога, главно, дечковците бараа девојки преку весници и сакаа да видат како изгледа девојката што ќе им дојде на состанок, за да нема (непријатни?!) изненадувања од само портрет приложена и нашминкана фотографија. Фотографија, на бела заднина, со определени димензии, без смеење, ве молиме, ова е сериозна организација и нема шега. Зашто, идната недела, НАТО доаѓа во нашиот град и ќе се слави 70-годишнината од постоењето. Па, кој е тука, тука е.

За новинарите, со акредитации. Фала на прашање, имам. Ми се погоди и фотографијата и препораката. За учесниците, со покани. Претставници на сите 29 земји членки на Северноатлантскиот сојуз, плус кандидатите – мојата главна татковина – плус гости плус, како и секогаш и секаде кога се собираат претставници на НАТО – луѓе што протестираат. Од различни причини и од различни провениенции. Со тоа што сега има и причина плус. Американскиот претседател Трамп најави дека ќе дојде во Лондон. А каде што е Трамп, таму се и младите. Демонстранти. И повозрасните. Демонстранти. Односно, Лондон баш не го сака Трамп. Па, кога ќе го види, протестира.

Но и со Трамп и без него, овој НАТО собир е историски. Ќе биде многу интересно. Од повеќе причини.

Слаба математика

Во меѓувреме, предизборната кампања тука се засилува. Ги гледаме и слушаме кандидатите како ветуваат брда и долини, а потоа постои голема веројатност да испорачаат – географски карти. Со полиња и овци. Лидерот на конзервативците и тековниот премиер, Борис Џонсон, отиде во Велс и додека промотивно предизборно кампањски стрижеше овци, кажа дека ако победат, ќе вработат 50.000 медицински сестри во јавното здравство. Ама излезе дека математиката не му е силна страна. И дека, всушност, мислел 19.000 сестри што се тековно вработени да се задржат да не си одат и да се вработат уште 12.000 од странство. Пак не излегува сметката на 50.000, ама нема врска, бројката е фина, тркалезна, лесна за памтење и убаво звучи.

Ах, Борис Џонсон. И математиката му проаѓа. Како 340-те милиони за јавното здравство на црвениот двокатен автобусот со што го доби брегзитот, муслиманките како поштенски сандачиња, и договорот кој е истиот со тој на Меј, само малку замачкан, па и ова со сестрите…

Борис Џонсон ме потсетува на американскиот претседател Бил Клинтон, кому, и покрај тоа што беше фатен со раката во тегла со колачиња, му се простуваше, како на непослушно дете. Шармантен, харизматичен. Борис ве гледа во очи и ви кажува невистини, а вие му верувате, зашто сакате да биде така.

Џереми Корбин, пак, ме потсетува на нечиј повозрасен татко (или мајка), за кого знаете дека има искуство и видел и поминал многу. Вие упорно го учите како да користи мобилен и интернет за да биде во тек со времето, зашто е 21. век и му кажувате дека треба да каже извини кога ќе згреши, а тој е упорен оти не мислел така и нема што да се извинува (стара школа).

Дајте едно ирско

И така, кампањата е во тек. Може да се исклучи телевизорот, да не се купуваат весници, на радио да се слуша само музика, ама се пробиваат информациите околу изборите, се пробиваат и допираат до вас, сакале или не. Дури и оние кои велат дека не сакаат, оваа година се сè помалку – нови три милиони гласачи се регистрираа да кажат што мислат и за кого ќе гласаат на 12 декември. А и да седите дома, ќе ви чукне некој на врата, некој од партиските активисти и ќе ве праша – што мислите, за кого планирате да гласате и ако му/и кажете дека не знаете или одговорите по македонски, дека „сите се исти“, ќе ви направат вистинска изборна математика. Во зависност од активистот. Ако гласате за Корбин, гласате за неизвесност, антисемитизам, социјализам? Ако гласате за Борис, гласате за измамник и сомнителен необмислен брегзитџија. Ако гласате за зелените, гласот ќе во оди во зелена дупка и ништо нема да смените. Ако гласате за Џо Свисон од либералдемократите, па тие нема шанса да добијат мнозинство, сакате гласовите од нив да одат против Борис, и пак, зарем сакате стариот Корбин да ни биде премиер и да национализира што стигне? Сакате Борис да нè поведе надвор од ЕУ без уште еден референдум, главечки надвор, и да ги покачи даноците?

Ја затворам вратата полека и размислувам што сакам. Сакам – кафе. Ирско. Има симболика. Ирците се во ЕУ и немаат намера да си одат во догледно време. Фино им е таму. Ама ние, каде одиме ние?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот