Османи за идејата на Макрон: Добра идеја за Украина, но Западен Балкан мора да продолжи кон полноправно членство

Министерот Бујар Османи на прес во МНР/Фото: МИА

Предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за нова политичка организација на Европа е претставен по повод новите разговори на ЕУ со Украина, Молдавија и Грузија и нивната европска перспектива и не се однесува на Западен Балкан, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.

– Напротив, токму тоа и германскиот канцелар Олаф Шолц го коментираше, дека да, тоа е добра идеја, но Западниот Балкан мора да продолжи со процесот што веќе е започнат со преземената обврска со самитот во Загреб во 2000 година и во Солун 2002 година. Ние зборуваме за почеток на разговорите, а не за крајно членство. Претседателот Макрон зборува за процес за членство на државите, така да не би ги ставал во една директна корелација овие две прашања. Ние бараме да влеземе во процесот на разговори. Се разбира дебатата за иднината на ЕУ ќе продолжи и ние сме вклучени во таа дебата. Но, ништо не треба да го измести внесувањето на земјите-кандидати за членство во процесот на континуирана адаптација на нивните општества – рече министерот Османи денеска на прес-конференција.

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера во говорот по повод Денот на Европа изнесе предлог за нова организација, европска политичка заедница, што ќе ѝ овозможи на Украина и други земји кои не се во ЕУ да остварат поблиски односи со Унијата. Војата во Украина, рече тој, и легитимните аспирации на Украинците, како оние на Грузија и Молдавија, кои исто така сакаат да се приклучат на ЕУ, значат дека треба да се преиспита организацијата на нашиот континент.

Германскиот канцелар Олаф Шолц кому Макрон синоќа во Берлин му ја  претстави идејата, порача дека ЕУ не треба да го прекинува пристапниот процес со земјите со кои веќе го започнала, а како пример ја наведе Македонија, чиј лидер, како што рече, донесе „многу храбри“ одлуки во последните години.

Во говорот во Европскиот парламент во Стразбур, Макрон предложи нова европска политичка заедница, која ќе вклучува држави кои сакаат членство во ЕУ, но и оние кои веќе ја напуштиле Унијата. Говорејќи во контекст на Украина рече дека дури и ако утре ѝ се додели статусот кандидат за членство, процесот на приклучување „за волја на вистината, ќе потрае веројатно неколку децении, освен ако не одлучиме да ги намалиме стандардите за членство и на тој начин целосно да го преиспитаме единството на нашата Европа“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот