Османи на министерски состанок во Бриндизи: По Коридорот 8 стартува и Иницијатива 8

Министрите за надворешни работи на Бугарија, Италија, Албанија и Македонија во Брндизи/ Фото: МНР

Македонија, Италија, Бугарија и Албанија денеска во Бриндизи ја стартуваа Иницијативата 8, која покрај транспортна и енергетска поврзаност долж Коридорот 8, ќе послужи и како политичка платформа за унапредување на меѓусебната соработка и интензивирање на политичката, економската, безбедносната, културната и социјалната размена.

Министрите за надворешни работи на четирите земји, Бујар Османи, Антонио Тајани, Марија Габриел и Олта Џачка на првиот министерски состанок ги претставија главните контури на оваа иницијатива.

-Блиската соработка со две земји-членки на ЕУ, Италија и Бугарија, има големо значење за нас и за Албанија како земји-кандидати бидејќи ќе има позитивни импликации. Оваа иницијатива е и во насока на она за што се залагаме како земја, повеќе интеграција пред членство, односно вклучување на земјите-кандидатки во соодветните политики и иницијативи на ЕУ, што ќе им овозможи на граѓаните искористување на придобивките од пристапувањето во текот на целиот процес, а не само по неговото завршување – изјави Османи на заедничката прес-конференција со министрите од земјите дел од Инцијативата 8.

Според него, оваа заедничка иницијатива треба да прерасне во еден нов сојуз во регионот, кој ќе понуди стратешки подлабока и позначајна соработка на земјите преку промоција на европските вредности, севкупна европеизација на целиот регион и воспоставување трајно разбирање, доверба меѓу нашите народи, политичка соработка и економска раст.

-Северна Македонија може да одигра клучна улога во подобрувањето на физичката поврзаност во регионот што ги поврзува западот и истокот. Заедничката работа на нашите влади може да овозможи многу набрзо да имаме транспортен коридор преку кој ќе биде возможно за 10 часа да се стигне од пристаниште во Италија на Јадранско Море до пристаниште во Бугарија на Црно Море. Сега тоа време изнесува 25 часа – рече Османи.

Како што соопшти МНР, Иницијативата 8 ја иницираше Османи на почетокот на 2021 година како идеја за нова, мултидисциплинарна платформа помеѓу Македонија, Бугарија и Албанија преку која би се интензивирала и продлабочила меѓусебната соработка, како стратешки интерес за државите што се дел од иницијативата.

Инаку, Османи во Бриндизи ги претстави и најновите инфраструктурни проекти во Македонија долж Коридорот 8 на Трансевропската транспортна мрежа кон Бугарија и Албанија, како и паралелното развивање на инфраструктурата долж Коридорот 10, проекти што можат да послужат како катализатор за регионалната соработка и напорите за интеграција.

Четворицата министри во Бриндизи исто така се договориле да одржуваат редовни состаноци и истовремено да работат на зајакнување на соработката, не само помеѓу владите, туку и помеѓу градовите низ кои минува Коридорот 8. Во Иницијативата ќе бидат вклучени и бизнис и граѓанскиот сектор како еден од главните фактори за спроведување на успешна соработка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот