Османи: Како претседавачи со ОБСЕ нема да ги решиме проблемите во светот, ама може да го подобриме угледот на државата

Геополитичките предизвици предизвикани со војната во Украина и во овој контекст позиционираноста на Северна Македонија, нашиот европски пат, претседавањето со ОБСЕ и можностите за искористување на Стратешкиот дијалог со САД за реформскиот процес во државата беа темите на денешната панел дискусија на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, на тема: “Новите геополитички случувања и влијанието врз Северна Македонија”.
во орагнизација на Институтот за европска политика.

На панел дискусијата меѓу другите говореше и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој се осврна на важноста на проширувањето на ЕУ.

-Постои итна потреба од свеж моментум во интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ, за што двете страни треба да постигнат конкретен напредок: Европската Унија да обезбеди повеќе практични придобивки и опипливи резултати кои произлегуваат од процесот на пристапување, а земјите од регионот на Западен Балкан да преземат конкретни и вистински активности во спроведувањето на националните реформски планови и усвојувањето на стандардите на ЕУ, рече Османи.

Во однос на спроведувањето на реформските процеси во рамки на процесот на пристапувањето во ЕУ, како и оние во рамки на Стратешкиот дијалог, тој кажа дека се работи за комплементарни процеси, кои ќе ја направат Северна Македонија држава со повисок демократски капацитет, со многу поголема доверба во правосудниот систем и со многу помал степен на корупција, во однос на сегашната состојба.

Османи дискутираше и за главните придобивки за Северна Македонија од претседавањето со ОБСЕ и како може да се искористи тоа за подобрување на меѓународниот углед на земјава.

-Она што е ново и што се случува за прв пат во историјата, е министерот на нашата земја да се ангажира, како претседавач со ОБСЕ, со решавање на безбедносните проблеми и предизвици на другите. Таа наша акција и тоа наше воздигање од корисник до контрибутор на безбедноста се гледа и се препознава. Ние, како претседавач со ОБСЕ, нема да ги решиме проблемите на светот. Но со нашето искуство во решавањето на сопствените предизвици, со нашата енергија и посветеност, со приврзаноста на принципите и заложбите, можеме да придонесеме за генерирање на попозитивен дух, зајакнување на дијалогот во ОБСЕ просторот, но и да им помогнеме, преку засилен ангажман на теренските мисии, на оние кои најмногу страдаат во конфликтите: обичните луѓе, изјави Османи.

Настанот е организиран во рамките на проектот „Поттикнување анализа на политики и јавна дебата“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот