Османи: Да ја вратиме довербата во Договорот со Бугарија

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека претстојниот период треба да се искористи за враќање на довербата во Договорот за пријателство меѓу Северна Македонија и Бугарија, што би овозможило одржување на меѓувладината конференција со ЕУ во декември за време на германското претседателство. Нерешавањето на ова прашање сега, според него, би оставило далекусежни последици по односите меѓу двете земји и врз можноста тоа да биде решено во иднина.

-Работиме сите со конкретни идеи, со конкретни предлози како да се надминат овие разлики со цел да се усогласи рамката како предуслов за одржување на правта меѓувладина конференција во декември, рече Османи на денешната прес-конференција, не сакајќи да навлегува во деталите за разговорите што се водат бидејќи, како што посочи, се уште се во форма на идеи и предлози за кои се уште нема согласност меѓу страните.

Недовербата, според него, е резултат или историски рецидив од минатото, а на нејзино отстранување не се работело ниту во последните 30 години на современа политичка реалност. Прашањата, потенцира, се ставани под тепих и не се направени доволно напори за да се изгради доверба. Недовербата не е само меѓу политичарите, вели, туку и академиците историчарите, а сето тоа се рефлектира со создавање недоверба и во јавноста. Таквата недоверба, вели, се пренесува и врз постигнатиот Договор.

Затоа решението и шансата, нагласува Османи, ја гледа во враќање на довербата во Договорот, тој е платформата и формулата за надминување на разликите.

-Република Бугарија имаше јасен став по однос на идентитетските прашања дека не ги спори и досега не сме имале појасна формулација од Бугарија дека не го спори идентитетот и јазикот на народите и граѓаните кои живеат во Република Северна Македонија. Мислам дека тоа е добра основа да се надогради на тоа целосната доверба меѓу нашите две држави, рече Османи.

Тој потенцира дека доколку не се реши ова прашање сега, тоа како што посочи на прес-конференцијата, може да има катастрофални последици по однос на односите, што далекусежно ќе влијае во можноста за решавање на разликите. Затоа, рече министерот за надворешни работи, работиме да се искористат претстојните денови да ја вратиме довербата и да го вратиме процесот.

-Не сметаме дека решенија се нови договори туку начини на враќање на довербата во Договорот како формула за успех затоа што верувам во Договорот, веруваме во Договорот. Да, можеби имаме различни очекувања, но Договорот успеа после толку децении да го скрши мразот и да ги подели тие траектории помеѓу историјата на историчарите и политиката на полоитичарите и да даде резултати и во едната и во другата земја. Да Договорот стана жртва на недоверба, но тоа не значи смена на Договорот, не значи нов договор, туку ајде како да го зацврстиме процесот, рече Османи.

Тој направи паралела со францускиото вето и барањето на нова методологија, која рече не побара во октомври укинување на преговорите, туку побара начин како да се врати довербата во процесот.

-Оттука сметам дека има начин како да се врати довербата во Договорот а не во нов договор, дециден е Османи.

Тој потврди дека се разменуваат идеи, кои рече, некогаш се вербални, а некогаш пишани во форма на ноти и докуменети кои се разменуваат меѓу двете држави како погледи за надминување на разликите. Но, се додека не постои барем начелна согласност во однос на различните погледи, тие се само идеи и предлози и не се предмет на суштински интерес.

-Доколку за кое било од овие ќе се стекне впечаток дека стануваат основа за усогласување се разбира дека ќе се комуницира јавноста. Но за некои прашања имаме усогласено доста точки, рече шефот на дипломатијата.

По однос на списокот со забелешки на Бугарија во врска со имплементацијата на Договорот за добрососедство Османи појасни дека во делот на толкувањето заедничка или општа историја во основниот договор кој е потпишан и во англиската верзија на документот се работи за терминот „заедничка” и тука нема дилеми.

За Меѓувладината комисија која е вториот инструмент од Договорот и под водство на МНР-та прави поресек на постигнувањата во текот на годината, оваа година, кажа Османи, треба да се одржи во Скопје, но појасни дека тоа неможело да се случи пред септември бидејќи немаше ниту влада , беа избори и пандемија, додека после септември почнаа билатералните разговори со РБ кои бараа некој исход за да можеме после да го конректизираме.

–Независно од тоа јас имам пратено покана до Р Бугарија дека ние сме спремни да ја свикаме таа меѓувладина комисија уште во месец декември во Скопје, бидејќи редот е на РС Македонија, рече Османи.

Потсети дека негова прва посета како министер за надворешни работи беше токму Софија, за враќање на директната комуникација, а за забелешките во однос на малцинството, ние рече, немаме ниту уставно право ниту право кое што произлегува од Договорот да се мешаме во внатрешните прашања на РБугарија

Министерот Османи подвлече дека имаме различни погледи по однос на историските контексти и основи за кои што се формирани комисии од кои очекуваме заеднички интерпретации врз основа на историските факти, но правото на самоопределување е право на суверените држави и тоа право според последните изјави Р Бугарија, нагласи, не го спори.

-Мислам дека треба да се поздрави фактот што како никогаш досега Р Бугарија јасно вели нема никаков спор по однос на идентитетските атрибути коишто произлегуваат од правото на самоопределување на секоја суверена држава. Да, имаме различни погледи што било во минатото, ние велиме еве историчарите тоа нека зборат, тоа не е прашање на политичарите. Затоа во договорот се предвидува историчари и научници да ги разгледаат тие прашања и да не ги оптоваруваат прашањата на иднината. И од тој аспект мислам дека враќањето на довербата во договорот е начинот за продолжување напред, рече шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Нагласи уште еднаш дека е многу важно сега да се решат недоразбирањата со Бугарија, но ако не се решат, вели, напорите продолжуваат.

-Ние немаме план Б, немаме алтернатива, нема потежок и покомплексен процес од преговарачкиот процес, но затоа целта на крај ќе ги оправда сите напори што ги правиме како држава, порача Османи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот