Oлабавување на мерките може да се врати како бумеранг

Скопје / Фото: ЕРА EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во четири држави што ги олеснија мерките забележуваме бумеранг, односно враќање на првобитната состојба. Не би ризикувале да направиме таков потег само да олесниме, па повторно да се враќаме на претходната состојба, вели министерот Беким Сали.

Падот на бројките поврзани со коронавирусот во земјава дава оптимизам, но не до таа мера за учениците да ги фрлат маските, а заштитните мерки комплетно да се олабават, согласни се експертите од областа на медицината. Како дополнителен аргумент зошто Комисијата за заразни болести не предлага укинување на ограничувањата што се на сила, е тоа што само нешто над 41 отсто од граѓаните се вакцинирани. Интересот за вакцинација не расте, и покрај обидот со СМС-пораки да се мотивираат граѓаните за да ја примат дозата што им недостига.

Директорот на Здравствен дом Скопје, доктор Виктор Исијановски, за „Утрински брифинг“ потврди дека интересот за вакцинација е мал. Според него, треба и натаму да се биде внимателен и претпазлив.

Се наоѓаме во жолта фаза, се движиме кон зелена

– Се наоѓаме во жолта фаза, иако се движиме кон зелена фаза. Има пад на бројот на новозаболените, но таа бројка е некако константна. Се намалува бројот на починати, но заинтересираноста за вакцинација е во надолна линија. Во Скопје, во „Букурешт“ за два дена имаме 18 лица за прва доза, а 180 за трета доза. Во „Јане Сандански“, 8 за прва доза, а 147 за трета доза. Така е во останатите две поликлиники во Скопје каде што се врши имунизација против ковид-19. Третата доза е потребна, граѓаните може послободно со неа да патуваат и се препорачува – рече доктор Исијановски.

И министерот за здравство Беким Сали вели дека состојбата со ковид-19 во државата е смирена, има намален број на новодијагностицирани, хоспитализирани и починати лица, меѓутоа за олеснување на рестриктивните мерки уште не се размислува од страв дека таквото олеснување може да доведе до влошување на епидемиолошка состојба. Тој рече дека токму такво сценарио се случило во четири држави што ги олесниле мерките.

– Денес во тие држави забележуваме бумеранг, односно враќање на првобитната состојба. Не би ризикувале да направиме таков потег само да олесниме, па повторно да се враќаме на претходната состојба – посочи Сали.

Според него, и природната и имунизираноста преку вакцинирање не се гаранција дека состојбата нема да се влоши.

– Посакувам да бидам првиот што ќе најави дека од утре сме без маски и сигурно ќе бидам запаметен по таа изјава. Меѓутоа, состојбата не е уште толку позитивна да можеме да кажеме дека од денес сме слободни. На една страна се желбите, а на друга реалните бројки што ги добиваме – додаде министерот.

Околу 60 отсто од заразените имаат стелт-омикрон варијанта

Според најновата статистика на Институтот за јавно здравје, последната недела се регистрирани 1.818 нови позитивни случаи од 30 града во државата, а просечно позитивни биле 11,6 проценти од тестовите. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, но најзастапена е групата на возраст над 60 години. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 267 реинфекции, со намалување од 28,2 отсто во однос на претходната недела. Пријавени се 34 смртни случаи во 13 града, што е за 33,3 проценти помалку во однос на претходната недела. Секвенционирањето на примероците покажало дека 32 отсто од нив биле омикрон, а 58 отсто од сојот стелт-омикрон.

Според извештаите од болниците во моментов се хоспитализирани 165 лица, што е за 24 отсто помалку од минатата недела. Од нив 98 се на кислородна поддршка, а петмина на механичка вентилација. Во моментов се активни 1816 случаи на ковид-19.

Петличковски: Имунитетот е веројатно комбиниран од двата соја

Во врска со информацијата дека 85 проценти од вакцинираните и 75 проценти од невакцинираното население има некаков вид имунитет, претседателот на Комисијата за заразни болести доктор Александар Петличковски за „Слободен печат“ вели дека во рамките на скринингот сите испитаници пополнувале прашалници.

– Во нив ги има сите информации, меѓу кои дали се вакцинирани или не, со која вакцина и кога, дали се ПЦР-позитивни или не, дали биле хоспитализирани – вели докторот.

Запрашан дали овие лица се имуни на омикрон или на делта варијантата на коронавирусот, тој вели дека таква анализа не е направена.

– Не можеме да сме сигурни, бидејќи таква анализа не правевме, но веројатно е комбиниран – ни рече доктор Петличковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот