ОЈО бара притвор за шестмина државни службеници

обвинителство ојо

Групата е осомничена за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Републичкото Јавно обвинителство денеска извести дека од судија на претходна постапка побарало да одреди притвор за шестмина осомничени, како и мерки на претпазливост за други двајца осомничени, кои според ОЈО, сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

„Првоосомничениот, според ОЈО, кон крајот на август 2011 година како тогашен претседател на спортско здружение од Тетово, со намера противправно да се изврши упис на право на сопственост, поднесувајќи лажни докази, започнал постапка за легализација.

Кон Барањето за утврдување на правен статус на непостоечки објект, до Општина Тетово, приложил нотарски заверена изјава со која лажно изјавил дека станува збор за објект изграден во 1995 година и геодетски елаборат изготвен од второосомичениот во кој е прикажан непостоечкиот објект во површина од 122 метри квадратни.

На почетокот на 2012 година, постапувајќи по поднесеното барање две осомничени лица како членови на надлежната Комисија, со неизвршување на својата службена должност, извршиле увид на лице место и изготвиле записник, внесувајќи лажен податок дека на парцелата постои бесправно изграден објект што претставува градежна и функционална целина.

Подоцна, третоосомничениот со искористување на својата службена положба и овластување, иако знаел дека постојат правни пречки за издавање на урбанистичка согласност и продолжување на постапка за утврдување на правен статус за непостоечки бесправно изграден објект, изготвил и потпишал Урбанистичка согласност на име на непостоечко правно лице, со оглед на тоа што правниот наследник на спортското здружение е регистриран во Централниот регистар три месеци по донесување на урбанистичката согласност.

Во декември 2012 година, третоосомничениот изготвил и потпишал Решение за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект. Во меѓувреме, кога постапката за легализација се уште не била завршена со правосилен акт, шестоосомничениот во својство на службено лице – управител на Друштвото за спортски активности, со намера да прибави противправна имотна корист за правното лице, поднел Барање за купување градежно земјиште сопственост на Македонија.

Со барањето приложил Извод од ДУП што по негово барање противзаконски бил изготвен од страна на третоосомничениот кој внел невистинити податоци во планот. Постапувајќи по Барањето за приватизација, административен службеник е осомничен дека извршил увид на предметната парцела и со искористување на својата положба и овластување изготвил Записник, внесувајќи невистинити податоци, по што предметот го доставил на понатамошно постапување.

По добивање на Записникот, осмоосомниченото лице, постапувајќи по предметот, наместо да го одбие заради неисполнување на законските услови за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост, без Извод од урбанистички план и без донесен ДУП, изготвило Решение за приватизација на градежното земјиште.

На овој начин осомничените овозможиле правното лице да се стекне со право на сопственост на градежно земјиште со површина од 4.410 метри квадратни откупувајќи го по цена од 43 денари за метар квадратен или во вкупна вредност од 188.307 денари, а на штета на средства на Буџетот на Македонија во висина од 52.920.000 денари“ извести ОЈО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот