Одличен деликатес за сите сетила: Торта со моркови од Дијана Иваноска

Фото: Приватна архива

Животот навистина може да биде беспрекорно „вкусен“, а тоа го потврдува и Дијана Иваноска од Тетово, која со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување.

Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.

„Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната“, ни открива Дијана.
Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно гастрономско уживање – торта со моркови.

„Торта со моркови – сочна и крцкава во исто време, комбинирана со крем од крем-сирење и слатка павлака, превкусна. Оваа количина е за еден слој торта во калап 26 см. Јас ја печев во куглоф, може и во калап за леб. Ако сакате торта со два слоја, удвојте ја количината“, порачува Дијана.

Фото: Приватна архива

Состојки за тесто:

– 130 г брашно
– 1 лажиче сода-бикарбона
– 1/4 лажиче сол
– 1 лажиче цимет
– 140 мл масло
– 100 г шеќер
– 90 г кафеав шеќер
– 1 лажиче ванила екстракт
– 2 јајца
– 150 г рендан морков
– 50 г сечкани ореви или други јатки

Состојки за крем:

– 120 г крем-сирење
– 70 г шеќер во прав
– 100 мл слатка павлака (хопла)

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Загрејте ја рерната на 175 степени Целзиусови.
Калапот во кој ќе печете премачкајте го со путер или обложете го со хартија за печење.
Измешајте го брашното со содата, солта и циметот.
Во друг сад измешајте го маслото со шеќерот и ванилата. Додајте ги јајцата едно по едно и измешајте убаво.
Додајте ги сувите состојки на трипати со мешање помеѓу секое додавање.
На крај измешајте ги морковите и оревите во смесата.
Печете 35 до 45 минути, во зависност од вашата рерна. Боцнете со чепкалка во средината на тортата, ако е сува готова е.
Изматете го крем-сирењето со шеќерот. Додајте ја слатката павлака и матете додека се згусне кремот.
Изладената торта филувајте ја со кремот.
Пријатно!

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот