Одбојка: Ал Рајан на Ристоски доминира во арапскиот свет

Ал Рајан од Катар со трофејот во Арапскиот клупски шампионат/Фото: facebook/Жарко Ристоски

Македонскиот стратег објаснува зошто трофејот на неговиот Ал Рајан во Арапскиот клупски шампионат му е посебно значаен. Во својата прва сезона во Ал Рајан, Ристоски успеа да дојде до највредната титула во арапската клупска одбојка.

Македонскиот одбојкарски стратег Жарко Ристоски, кој го предводи катарскиот клуб Ал Рајан, има успешна сезона. Во првенството на Катар е водечки тим, има 15 победи од 15 кола.

Неодамна Ристоски се закити со вреден трофеј, ја освои својата прва титула со овој колектив, титулата на Арапскиот клупски шампионат што сезонава се одржа во Тунис, во своето 40. издание. Учествуваа 20 екипи, шампиони или куп-победници од сите арапски земји. На овој турнир Ал Рајан настапи некомплетен, но сепак успеа да го освои вредниот трофеј. Изразен фаворит на овој турнир беше домаќинот Есперанс од Тунис, предводен од познатиот српски стратег Љубомир Травица.

По двете сезони поминати како селектор на Саудиска Арабија, Ристоски сезонава се најде во Доха, Катар, во Ал Рајан, со кој сега го освои својот прв трофеј.

– Овој трофеј Ал Рајан го освојува третпат во својата историја, но овојпат има посебна тежина, поради тоа што настапивме некомплетни, но сепак дојдовме до титулата. Најтешко беше во полуфиналето каде го совладавме домаќинот Есперанс со 3-2 откако во првите два сета губевме со 0-2. Но, најдовме сили за пресврт. Тоа беше клучен момент што не однесе до титулата. Есперанс од Тунис е всушност репрезентацијата на оваа земја која во последните години е неприкосновена во арапскиот свет. Затоа и беше изразен фаворит – вели македонскиот стратег.

Фото: facebook/Жарко Ристоски

Во првата фаза тимот на Ристовски го зазеде првото место во својата група, без пораз, а потоа во четвртфиналето го совлада Ал-Сееб од Оман. Во полуфиналето падна Есперанс, а во финалето катарскиот клуб беше супериорен над Дар Кулаиб од Бахреин со 3-0.

– Во клубот се презадоволни од успехот. На овој клупски шампионат имаат настапувано повеќе пати, го освоија во 2018 и во 2019 година. Ова е третпат, но особено оваа титула е најдрага за играчите и за управата затоа што некомплетни го совладавме Есперанс – вели Ристоски.

Ал Рајан е и на добар пат да ја освои титулата во шампионатот на Катар со 15 победи од 15 кола, на три кола до крај на првенството.

Фото: facebook/Жарко Ристоски

– Со победи на два меча од трите преостанати кола би ја освоиле титулата. Инаку, првенството на Катар е многу силно. Во секој клуб има по двајца квалитетни странци – вели нашиот интернационалец.

Ристоски со Ал Рајан има договор на една сезона, но, со можност за продолжување.

– Најважно е да се заврши првенството, а потоа ќе видам дали ќе го продолжам договорот. Инаку, штотуку освоената титула е една од моите најголеми, затоа што е меѓународна. Да се биде најдобар во арапскиот свет е голем резултат за мене – вели Ристоски, кој претходно е двократен шампион и двократен освојувач на Купот на Кипар (Неа Саламина), вицепрвак на Швајцарија (Шоненверд) и на Либан (Танурин). На репрезентативно ниво Ристоски двапати е финалист на Европската лига со македонскиот тим, финалист на Азискиот куп со Саудиска Арабија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот