Од журки во „Даре Џамбаз“, Водно се претвора во јавно веце и див паркинг

Фото: Facebook/Sanja Miloradovic

Дел од активистите за заштита на животната средина, дел од планинарите и граѓаните бараат надлежните да го спречат уништувањето на Водно со автомобили и мотори и да се постави незаобиколива рампа на Средно Водно

Скопјани деновиве потпишуваат петиција на платформата „Мој град“, со која се бара Град Скопје да забрани пристап со автомобили и со други моторни возила до врвот на Водно. Петицијата уследи откако летово, секој четврток, пред планинарскиот дом „Даре Џамбаз“, со кој сега управува планинарскиот клуб „Х20“, се организираат забави со диџеи, но и со храна, скара и пијалаци, на кои се собираат стотина млади луѓе. Дел од нив се луѓе на кои планинарењето им е предизвик и се искачуваат на врвот, но голем е бројот и на оние што се „искачуваат“ со автомобили и мотори.

Познато е дека на врвот на Водно нема ниту вода ниту тоалети. Тоа значи и дека нема услови ниту за подготовка на храна, а присуството на толку многу луѓе, во отсуство на тоалети, подразбира дека шумата околу планинарскиот дом се претвора во јавно веце. Покрај тоа, бидејќи просторот не е предвидено да служи како паркинг, од паркираните автомобили се уништува зеленилото.

Поради сето тоа паѓаат во вода објаснувањата на планинарскиот клуб „Х20“ дека всушност со ноќното искачување на Водно и дружење на планинарите, се мотивираат и другите граѓани што не се искачувале на Водно тоа да го сторат сега, летово.

Дел од активистите за заштита на животната средина, дел од планинарите и граѓаните бараат надлежните да го спречат уништувањето на Водно со автомобили и мотори. И со петицијата се бара „Град Скопје да постави сериозна и незаобиколива рампа на Средно Водно, но и да го контролира и да го казнува евентуалното нејзино заобиколување“, со што „Водно ќе остане парк шума, мир и прибежиште за планинарите и дом за животинскиот свет. Без бучава и загадување, без автомобили од кои секако сме пренатрупани во градот, па не мора и горе“.

Од Град Скопје тврдат дека движењето од Средно Водно кон врвот на планината се одвива по строго контролиран возен ред, односно дека по овој пат можат да се движат само возила што имаат дозвола за движење издадена од Секторот за комунални работи на Град Скопје.

– По патот во изминативе години, со соодветна дозвола, се движат само возила што одат кон објектите што се наоѓаат над Средно Водно, како и за потребите за повеќе објекти што се во изградба (објектот на АЕК…). За сите други лица, кои не поседуваат дозвола за движење, тоа е строго забрането – велат од Градот.

Оттаму додаваат дека кај Средно Водно веќе со години постои рампа.

– Неа ја управуваат чуварските служби на ЈП „Паркови и зеленило, кои работат во две смени до 20 часот. Бидејќи станува збор за регионален (државен) пат, чуварската служба го контролира движењето на истата во овие две смени, каде што во овој период немаме регистрирано никакви проблеми. Доколку надвор од овој период се евидентирани проблеми или злоупотреби, полицијата може да интервенира и да ги санкционира прекршителите – објаснуваат од Град Скопје.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот