Нутриционист Тања Турунџиева: Кога ќе влезете во менопауза, заборавете на белиот леб и слатките

Нелогично е кога приказната за една жена завршува со венчавањето. Им се восхитувам и ги поддржувам сите оние жени кои постојано внимаваат на својата фигура и на својот изглед. Тоа го прават затоа што сакаат да имаат убава и здрава старост и многу ми е мило што во последно време младата жена многу внимава во однос на исхраната.

Имаше период кога готвењето беше табу-тема, а зборот домаќинка делуваше „страшно“ на овие наши простори. Секоја жена што готвеше дома и беше посветена на семејството, се сметаше за „заостаната“ жена, со што не би се согласила.

Менопаузата не смее да биде табу-тема

Менопаузата беше исто така една од забранетите теми и сѐ уште е фаза од животот на жената во која потешко се преминува. Во тој период жената веќе апсолутно се заборава себеси, не си посветува никакво внимание, едноставно живее во една права линија. Спротивно на нашата практика, западната жена во тој период ужива во таа постара зрелост, затоа што си го посветува вниманието сама на себе. Многу пешачи, пие многу течности, внимава на исхраната, се посветува на читање книги, посетување на културни настани, патувања и сѐ она што би го направил подолговечен и посреќен животот. Уште еден парадокс за нашите жени во споредба со западните жени е присуството на остеопороза во сѐ поголем пораст, иако ние важиме за поднебје со многу сонце, каде што се консумираат многу млечни производи поради калциумот, додека на Запад тоа е нешто што се јаде ретко, но затоа се консумираат многу јаткасти плодови, се пијат многу течности и се внесуваат нутритиви, што ја прават жената среќна. Тоа е многу важно зашто станува збор за период кога жената запаѓа во чести депресии, се чувствува заборавена и тогаш почнува зголемување или драстично намалување на килограмите. Реткост е да видите постара жена со добра линија – или е екстремно слаба или е со екстремен вишок килограми, што значи дека имаме реален проблем токму во таа фаза, токму заради апстиненцијата на одредени нутритиви, а форсирањето на други, како и поради губењето на енергијата и негрижата за себе. Во тој период на менопауза број еден нутритив е сојата – секако зборуваме за органска, нехибридна соја, без ГМО, што го снабдува организмот со сите потребни фитоестрогени што веќе ги губиме со навлегувањето во менопаузата. Естрогенот што нѐ штител во текот на целиот живот, одеднаш го нема и токму во тој период на навлегување во менопауза сме најкревки. Тогаш навистина треба многу да внимаваме на исхраната. Одредени нутритиви веќе треба да ни бидат трајно заборавени – белиот леб, благото, најразличните сирења, бидејќи докажано е дека растителниот калциум многу побрзо се ресорбира во организмот отколку животинскиот, што се депонира и тогаш настануваат проблеми со зголемени липиди, појавување на дијабетес, зголемување на килограми, оптоварување на црниот дроб и бубрезите и сѐ она што може да го надразни ендокриниот систем, наместо да му направи добро на организмот.

Со текот на годините, воедно стануваме свесни дека килограмите многу брзо се качуваат, но многу потешко се симнуваат, затоа треба да внимаваме да не ги наталожиме и да се справуваме и со нив, и покрај здравствените проблеми што се јавуваат во доцната зрелост на жената.

Нутриционистички препораки во исхраната на жената

Постојат одредени намирници кои, освен благодати на организмот, ќе придонесат за жената да биде убава и среќна. Во секојдневието на жената треба да биде присутно сезонското овошје и зеленчукот. Во нивната сезона, јагодата, праската, лубеницата, грозјето, ананасот и смоквата се овошја што ја прават жената убава, а како и сите други овошја, треба да се внесуваат во претпладневните часови. Од јатките би ги издвоила суровите бадеми и ореви, како нешто што им дава убавина на косата, коските, забите, кожата и ноктите (не повеќе од 20, односно 5 ореви дневно), потоа би ги издвоила семките од сончоглед и лен, како и за сите оние што имаат проблем со калциумот, семките од сусам. Маслата од лен и од сусам се од суштинско значење за заштита на организмот од најразлични проблеми во различните периоди од животот на една жена, како недостиг на калциум, анемии, опстипации… Од зеленчуците би ги издвоила коренестите зеленчуци, како морковот, целерот, белата трупка, потоа авокадото, што не е специфично за ова поднебје, но предводи во однос на убавината кај жената. Следуваат пиперката, кромидот, лукот, празот – сите зеленчуци што во себе содржат специфични етерични масла, што го подобруваат имунитетот и, едноставно, нѐ разубавуваат. Потоа, доматот, што е многу здрав за женскиот организам поради ликопенот што го содржи, а кој ја штити жената од рак на дојка и на репродуктивните органи. Многу важни се и мешунките, значи леќата, боранијата, леблебијата, потоа органската соја, рибата што треба да биде присутна барем трипати неделно, печурките – сѐ она што ќе придонесе да имаме здрав и добар женски метаболизам. Важно е и присуството на безглутенските житарки, особено киноата и амарантот, покрај просото и хелдата, како и палентата и пченката поради присуството на бетакаротен и корисни јаглехидрати што потпомагаат за смирен нервен систем и метаболизам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот