Новото истражување откри: Забрзаното стареење предизвикува зголемен ризик од рак кај младите луѓе

Фото: Пекселс/ Anna Tarazevich

Научниците кои истражуваат зошто некои видови на рак се во пораст кај помладите луѓе велат дека пронашле интересна трага: врска со забрзаното биолошко стареење, пренесува Си-ен-ен.

Стареењето е главен фактор на ризик за многу видови на рак, што значи дека колку сте постари, толку е поголема веројатноста дека ќе ви биде дијагностициран.

Експертите сè повеќе препознаваат дека годините се повеќе од бројот на свеќички на роденденската торта. Тоа е исто така трошење на телото, предизвикано од начинот на живот, стресот и генетиката, што понекогаш се нарекува биолошка возраст на една личност.

– Сите знаеме дека ракот е болест на стареењето. Меѓутоа, доаѓа до помладата популација. Значи, дали можеме да го употребиме добро развиениот концепт на биолошко стареење за да го примениме на помладата генерација е навистина недопрено поле – рекла д-р Јин Као, вонредна професорка по хирургија на Медицинскиот факултет на Универзитетот Вашингтон во Св. Луис и виша авторка на новата студија.

Истражувањето е претставено во неделата на годишната конференција на Американското здружение за истражување на ракот во Сан Диего.

Фактори на биолошкото стареење

Доктор Као и нејзиниот тим ги разгледале медицинските досиеја на 148.724 луѓе на возраст од 37 до 54 години кои се учесници во големата база на податоци наречена УК Биобанк (UK Biobank).

Тие се фокусирале на девет крвни маркери за кои се покажало дека корелираат со биолошката возраст, а меѓу нив се албумин, креатинин, гликоза и ц-реактивен протеин.

Деветте вредности потоа биле внесени во алгоритам наречен PhenoAge, кој е користен за пресметување на биолошката возраст на секоја личност. Истражувачите утврдиле забрзано стареење споредувајќи ја биолошката возраст на луѓето со нивната хронолошка возраст.

Тие потоа ги проверувале регистрите за рак за да видат на колкумина од групата им бил дијагностициран ран рак, што истражувачите го дефинирале како рак што се појавил пред 55-тата година од животот. Ракот бил дијагностициран на речиси 3.200 од нив.

Истражувачите откриле дека луѓето родени во 1965 година или подоцна имале 17 отсто поголема веројатност да доживеат забрзано стареење од оние родени од 1950 до 1954 година.

Што може да ни каже побрзото стареење за ризикот од рак

Откако податоците ги прилагодиле на факторите за кои мислеле дека би можеле да влијаат на нивните резултати, истражувачите откриле дека забрзаното стареење е поврзано со зголемениот ризик од рак. Најсилната поврзаност е забележана со ракот на белите дробови, желудникот, цревата и матката.

Студијата не била осмислена да одговори на прашањата зошто се чини дека овие видови рак имаат најсилни врски со забрзаното стареење, но Руи Тијан, која го водела истражувањето, има некои теории.

Тиан рекла дека е можно белите дробови да се поподложни на стареење од другите видови ткиво, бидејќи белите дробови имаат ограничена способност да се регенерираат. Ракот на желудникот и дебелото црево, вели таа, е поврзан со воспалението, кое се зголемува со возраста.

Доктор Као признала дека оваа студија има и ограничувања.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот