Новите даночни измени ги вознемирија граѓаните: Имам ќерпич куќа, и сега плаќам голем данок, зарем ќе биде уште поголем?!

Уште не усвоените законски измени за данокот на имот, според кои се предвидува три пати повисок данок за становите и за куќите што не се користат за живеење или издавање, предизвикаа голема вознемиреност кај граѓаните. На телефонот на нашата рекција повеќе граѓани ги споделија своите „приказни“ за имотот што го имаат и велат дека ваквото оданочување, без повеќе категоризации за имотот што тројно ќе се оданочува, би било крајно неправедно оданочување, наспроти основната идеја за праведен прогресивен данок.

Соња, која со години живее во Скопје, вели дека и сега плаќа голем данок за куќата во Куманово, која ниту можела да ја продаде, ниту да ја издаде, и дека е крајно револтирана од помислата дека во иднина тој данок ќе биде три пати поголем.

– Имам ќерпич куќа што се распаѓа во старо маало во центарот на Куманово, слично на Ново Маало во Скопје, во која живееше татко ми, кој почина во 2016 година и оттогаш не се користи. Тоа маало се урива откако знам за себе, а е на 200 метри од плоштадот по воздушна линија. Со тек на годините се запусти, токму затоа што постојано се зборува дека ќе се урива, и никој ништо не инвестира, па ни општината. Јас не го користам тој имот, во центар на град е и поради тоа, наводно вреди, а паѓаат керамиди. Сега плаќам 1.300 денари годишно данок на имот, зачи по новото законско решение ќе треба да плаќам по 3.900 денари. Оппштината никогаш не го асфалтирала маалото, дрвце не засадила, сите куќи се распаѓаат, како да го издадам, како да го користам, што сум јас винивна? Важечки ДУП нема со години – вели Соња.

Таа вели дека според стариот ДУП, на тоа место има предвидено деловен објект и дека еден инвеститор веќе купува куќи низ маалото.

– Новото законско решение за троен данок, според мене, токму ќе им оди во корист на богатите. Инвеститорите сега ќе си „лапнат“ куќи за багатела, затоа што корисниците ќе ги продадат поради високиот годишен данок. Во мојот случај, инвеститорот ќе си „лапне“ супер локација за ниска цена и потоа во центарот на Куманово ќе гради објект. Работата така излегува – вели нашата соговорничка.

Според измените на Законот за данокот на имот кој помина на првото читање во Собранието, вредноста на имотот ќе се проценува на секои 4 години. Но, интересно е што во образложението за оваа новина не се мисли на тоа што со стареењето имотот ја губи вредноста, туку само на тоа дека со одредени интервенции, можно е, вредноста на имотот да се зголемила.

„Се предлага ревизија на пазарната вредност на недвижниот имот (репроценка) која претставува даночна основа на данокот на имот од страна на општините, општините на град Скопје и Градот Скопје да се врши на секои четири години од причина што може оперативно, односно на терен, да има промена на фактичката состојба, а за која проценителите и општинската администрација не е запознаена и со тоа приходите во Буџетот на единиците на локалната самоуправа може во тековната година да бидат многу пониски од предвидените“, пишува во образложението за законските измени.

Во законските измени е предвидено и дека ако вредноста во договорот за купопродажаба на имотот е поголема од онаа утврдена со Методологијата за процена на пазарната вредност, тогаш да се земене предвид цената од купопродажниот договор. Но, не е предвидена обратна ситуација – во случај кога цената од купопродажниот догоор е пониска од она утврдена со Методологијата, да се земе предвид реално платената  пониска цена.

Според Законот за данокот на имот, основа на данокот на имот претставува пазарната вредност на недвижниот имот. Утврдувањето на пазарната вредност на недвижен имот ја врши лице проценувач кој е вработено во единицата на локалната самоуправа, а по барање на единицата на локалната самоуправа, проценката може да ја врши и лице кое е овластен проценувач. Пазарната вредност, пак, се утврдува според Методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот. Методолгијата е базирана врз основа на податоци за тоа каде се наоѓа објектот, од каква градба е, дали им пристап до канализација и слични параметри.

Даночната стапка непроменета – од 0,1 до 0,2 проценти

И според новата даночна регулатива, стапките на данокот на имот ќе останат непроменети, односно тие може да се утврдат во распон од 0,1 до 0,2 проценти од утврдената вредност на имотот.

По која висина ќе се оданочува имотот, според Законот за даноците на имот, зависи од одлуката на советото на општините, односно од советот на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје согласно Законот за градот Скопје.

Досегашна пракса беше, советот на општините да ја опредлат најдолната граница за оданочување на имотот, односно 0,1 проценти.

Данокот и за неискористеното земјоделско земјиште 3 пати поголем

Со измените на Законот за данокот на имот се предвидува данокот за земјоделско земјиште што не се користи да биде 3 пати поголем од од она што се корсти.

Но во овој случај, всушност има намалување на оданочувањето за неискористеното земјоделско земјиште. Според сегашната законска регулатива, данокот за земјиште што не се користи може да се зголеми од 3 до 5 пет пати. Според новата регулатиа, овој член се брише и зголемувањето е 3 пати. Но, упатените велат дека општините до сега не ја користеле ова законска можност за повеќекратно зголемување на данокот во случај на неискористено земјоделско земјиште.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот