Новиот роман „Мина“ на Игор Анѓелков е експлозивна семејна сага

Фотографија: Промо

Деновиве од печат излезе новиот роман „Мина“ од Игор Анѓелков, како 222 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-Или“.

По збирката раскази „Двојна експозиција“ објавена минатиот септември, ова е четврти роман, а вкупно шеста прозна книга на авторот, роман со мирис на чај од тегавец, вкус на палачинки со шеќер, завиен во плетен џемпер, со календарче под перница – како што гласи поднасловот на книгата.

Рецензентката Ана Мартиноска во поговорот насловен „Експлозивна семејна сага за ретка жена со ретко име“ пишува: „Покрај мотивските автобиографски поклопувања од една и автопоетичките промислувања од друга страна, она што останува како константа е дека во ’Мина‘ Игор Анѓелков повторно го потврдува она што во една пригода го означивме како непретенциозен стил, кој ’едновремено успева да биде и длабок, и ангажиран, и актуелен, и компактен во изразот, и искрен до коска‘. Со здрава доза на фантазија свртувајќи се кон минатото, ама со акцент на она што ја детерминира сегашноста, препознавајќи ја својата сила во едноставноста на раскажувањето, Анѓелков одново нè заробува во имагинативна и емотивна, тематски комплексна и слоевита нарација.

Покрај навигирањето низ овие лавиринти низ туѓата приказна, она што за секој читател е најважно е дека оваа книга ќе ве упати на зрело преиспитување на сопственото семејно наследство кое, сакале да признаеме или не, ја одредува насоката на нашата, лична животна авантура и со тоа, нè потсетува на сопствената минливост.

Од сите овие причини, и уште многу кои допрва ќе ги откриваме со секое следно препрочитување, сè појасно станува дека секое ново дело на Анѓелков веќе нема да се чита исклучиво само по себе, туку и како дел од еден поголем циклус на дела што создаваат една голема книжевна приказна или дури и во контекст на комплетниот опус на авторот“, напиша Мартиноска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 177, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.5.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот