Новинарите извисија, иако најавена од вчера, Бектеши сепак нема да одржи прес-конференција за Иловица-Штука

Крешник Бектеши, министер за економија/Фото: Скриншот

Иако најавена за  денеска во 14 часот, прес-конференцијата на министерот за економија Крешник Бектеши е одложена на неодредено време. Медија центарот на Владата денеска беше претесен да ги собере сите заинтересирани новинари и сниматели кои чекаа повеќе од час и половина, Бектеши да се појави од владината седница на која реферира за рудникот Иловица-Штука. Прес-конференцијата на Бектеши беше најавена уште доцна синоќа, но новинарите залудно денеска си чекаа. Од неговиот кабинет известија дека поради дебатата која се уште траела на владината седница, тој нема да биде во можност да излезе пред медиумите.

„Имало тематска седница, околу рекордниот број апликации на компании за финансиска поддршка по Законот за финансиска поддршка на инвестици. Таа неочекувано се оддолжила. Тоа е причината поради која прес-конференцијата се одложува. Во име на министерот, примето го нашето извинување“, одговориле од Кабинетот на Бектеши, пренесе 360 степени.

Нема информација кој би бил новиот термин за средба со новинарите на која министерот за економија ќе ги изнесе своите аргументи околу спојувањето на концесиите за рудникот Иловица. Од Кабинетот на Бектеши велат дека тоа сигурно нема да биде денеска, туку наредните денови, за што медиумите и јавноста навреме ќе бидат информирани.

Денеска се одржа првата седница на Владата по враќањето на министерот Бектеши од службеното патување во САД. На неа, тој требаше одново да реферира за сите управни и судски постапки (одлуки, заклучоци и информации) поврзани со експлоатацијата на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот с. Иловица, Општина Босилово, почнувајќи од првата одлука до денес.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот